Како руски воени авиони се најдоа кај Американците?

МиГ-29

МиГ-29

Вадим Савицки/Global Look Press
Како Американците се заинтересираа за рускиот воен арсенал, на кој начин доаѓаат до примероци на руска воена техника и како ги користат оттогаш? Италијанскиот веб-сајт специјализиран за воена тематика Gli occhi della guerra бара одговори на овие прашања.

По распадот на Советскиот Сојуз новите независни држави кои настанаа од него наследија огромни резерви на оружје. Еден од најинтересните случаи е поврзан со военото воздухопловство на поранешната советска република Молдавија, се вели во статијата на Gli occhi della guerra.

Молдавија во својот арсенал имаше 34 ловци МиГ-29, осум хеликоптери Ми-8 и неколку транспортни авиони. Тоа е значителна количина, со оглед на малиот број на население на Молдавија. Оваа мала постсоветска република не беше во состојба да одржува толкава авијација, а ниту од стратешка гледна точка тоа ѝ беше неопходно.

Америка во тоа време се заинтересира за тој арсенал и тоа поради повеќе причини. Пентагон пред сѐ се плашеше дека младата република ќе му ги продаде авионите МиГ-29 на Иран. На Вашингтон не му одговараше Исламската Република Иран да добие од Молдавија советска воена технологија, особено поради тоа што во овој арсенал се наоѓаа и 14 примероци на МиГ-29С, проектирани да носат нуклеарно оружје.

Америка во 1997 година конечно се реши да го купи тој арсенал. Ѝ даде на Молдавија 40 милиони долари хуманитарна помош, воена техника и автомобили во замена за 21 авион МиГ-29, вклучувајќи ги и фамозните модели С. Останатите авиони Кишинев им ги продаде на Еритреја и на Јемен.

Така Пентагон имаше двојна добивка – авионите не завршија во рацете на Техеран, а САД добија можност да проучат еден од најсложените советски авиони.

МиГ-29

Во однос на авионите кои се користени во деведесеттите години од минатиот век, МиГ-29 е значително поубиствен и има поголеми маневарски способности. Неговите ракети со краток дострел Р-73 (AA-11 "Archer" според класификацијата на НАТО) беа значително посовршени од ракетите од западно производство, т.е. се наведуваа преку инфрацрвен сензор кој се очитуваше на визирот на шлемот на пилотот. Поради тоа овие руски авиони беа поопасни од останатите авиони-ловци на САД.

Меѓутоа, руското воено воздухопловство ја загуби оваа предност 2003 година, кога Пентагон ги воведе ракетите AIM-9X и новите електронски системи. Многумина видоа во тоа резултат од анализата на руската техника која во САД пристигна од Молдавија, особено со оглед на стремежот на Вашингтон да купува и други модели на авиони од поранешните советски републики или од поранешните сојузници на Москва.

На почетокот на XXI век Пентагон од Белорусија и Украина за неколку десетици милиони долари купи авиони од руско производство. Процедурата беше повторена 2009 година, кога Пентагон купи од Украина два руски авиона Су-27. Овие модели уште тогаш беа сериозни соперници на американските авиони F-15, а многубројните тестирања што ги спроведе Министерството за одбрана на САД докажаа дека руските авиони се навистина поефикасни од американските.

Су-27

Вестите за договорот меѓу САД и украинското воено воздухопловство се појавија на страницата strategypage.com, каде пишуваше дека рускиот авион Су-27 е технички сличен на американскиот F-15, но е мошне поевтин и, што е најважно, може да му направи сериозни проблеми на военото воздухопловство на САД. Поради тоа производителите и американските инженери беа присилени да ја изменат својата техника за да го намалат технолошкиот дисбаланс, но и да ги спуштат цените.

При анализите и тестирањата на американската авијација се покажа дека овие мерки биле многу значајни и во 2012 i 2014 година беше забележано присуство на авиони Су-27 на полигонот Грум.

На воените вежби во јануари 2017 година беше фотографирана борба на руски авион Су-27Р и американски F-16 над Невада, во близина на познатата база „Област 51“ (Area 51).

Фотографиите направени во долината Тикабу повторно ја докажаа употребата на руски авиони „Сухој“ во воените вежби на американското воено воздухопловство и го потврдија апсолутниот приоритет за одбрана од Русија во стратегијата на вооружените сили на САД.

Су-27

Фотографите не беа остри, па поради тоа некои колумнисти изнесоа мислење дека во вежбите се користени стари модели, а не авиони од последна генерација, додека некои сметаа дека станува збор за копии направени надвор од границите на Русија.

Но, едно нешто е сигурно – на маневрите „Црвени знамиња“ (Red Flags) американската авијација повторно почна авионите Су-27 (Flanker според класификацијата на НАТО) да ги третира како непријателски објекти. Тоа е еден од знаците за зголемена затегнатост меѓу САД и Русија, заклучува италијанската страница Gli occhi della guerra.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња