Тенк Т-14 „Армата“
Сергеј Фадејчев/TASSСериското производство на тенковите од новата генерација Т-14 „Армата“ започнува 2020 година и се планира комплетирање на неколку стотици вакви тенкови. Оваа информација ја откри извор од воено-индустрискиот комплекс, а ја пренесува агенцијата ТАСС. „Во рамките на државната програма за модернизација на руските вооружени сили, прецизирана за временскиот период од 2018-2027 година, планирано е масовно производство на тенкови врз платформата од нова генерација „Армата“ и тоа во количина од неколку стотици“, изјави соговорникот на ТАСС.
Притоа тој истакна дека првиот контингент нови тенкови ќе им биде испорачан на елитните тенковски единици на руската армија. Тоа пред сѐ се однесува на 1 гардиска тенковска армија која се наоѓа во Московскиот регион, како и на 20 гардиска комбинирана армија со штаб во Воронеж. Покрај овие две елитни стратешки единици на руската армија, основниот борбен тенк од нова генерација Т-14 „Армата“ ќе ги пополни и оклопните единици во состав на 8 гардиска комбинирана армија која се наоѓа на Кавказ.
Изворот исто така напомена дека во втората половина на оваа година се очекува комплетирање на пробната серија на овие тенкови која ќе биде тестирана во оперативните единици на руската армија. Што се однесува до нивниот вкупен број кој ќе биде тестиран во наредните 12-18 месеци до официјалниот почеток на сериското производство, изворот не наведе ништо конкретно. Неофицијално, се работи за пробна серија која нема да ја помине бројката од 20 примероци.
Кон крајот на декември 2017 година командантот на Копнената војска Олег Саљоков соопшти за скорешната набавка на првиот експериментален контингент тенкови „Армата“. Потврдата за воведување на тенковите од нова генерација во вооружувањето на руската армија ја даде и рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин. Тој истакна дека сите овие тенкови се составен дел од програмата за модернизација на руската армија за периодот 2018-2027 година. Првите примероци на овие тенкови во руската армија можат да се очекуваат веќе до крајот на годинава. Така заменик-директорот на компанијата „Уралвагонзавод“ во април 2016 година изјави дека до крајот на 2018 година оваа компанија ќе направи и испорача до 100 тенкови од овој тип. Притоа тој не прецизираше дали во количината од 100 тенкови се наоѓаат и експерименталните верзии наменети за тестирање и понатамошно усовршување на тенкот.
Погледнете зошто „Армата“ уште сега го нарекуваат најдоброто борбено возило на светот?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче