„Хеликоптери на Русија“ тестираа Ми-171А2 на минус 50

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Странските купувачи се веќе заинтересирани за набавка на новите руски хеликоптери.

Холдингот „Хеликоптери на Русија“ (во состав на „Ростех“) тестираше два нови повеќенаменски хеликоптери Ми-171А2 на температури од минус 50 степени Целзиусови. Ова го соопшти службата за односи со јавноста на оваа компанија.

Тестирањата спроведени во Јакутија покажаа дека главните системи и опремата на леталата функционираат беспрекорно. Двата хеликоптера Ми-171А2 конструирани во Московскиот хеликоптерски завод „М.Л. Миљ“ реализираа вкупно 36 летови според специјални програми, како и низа проби за наземно брзо движење, со работа на моторите без одвојување од земјата.

Без оглед на тоа што температурата се спушташе под 50 степени Целзиусови, сите системи и опремата на хеликоптерите исправно работеа и на тој начин потврдија дека Ми-171А2  може сигурно да се користи и во најсурови природни и климатски услови.

Добиени се сите неопходни објективни податоци и документи за понатамошна атестација и дополнителна сертификација на хеликоптерот Ми-171А2 во низата барања потребни за А категорија, соопштува холдингот.

Министерот за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров истакнува дека „Хеликоптери на Русија“ ќе им испорачаат на купувачите четири нови машини Ми-171А2.

„Ми-171А2 спаѓа во најисчекуваните машини на руската индустрија за хеликоптери. Годинава е планирана испорака на првите четири хеликоптери и сметам дека во скора иднина портфолиото на нарачки само ќе расте. Интерес за хеликоптерите има и во Русија и во странство“, изјави Мантуров.

Повеќенаменскиот хеликоптер Ми-171А2 настана со длабока модернизација на хеликоптерите од генерацијата Ми-8/17. Конструкторите во  Ми-171А2 внесоа повеќе од 80 измени. Леталото е опремено со мотор ВК-2500ПС-03 (цивилна верзија на моторите кои се вградуваат во хеликоптерите Ми-28) со дигитален систем за управување и нови пропелери.

Прочитајте како функционира најголемиот хеликоптер во светот