Воено воздухопловство на САД: Русите дојдоа во посед на „непроценливи податоци“

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Примената на ловците Ф-22 во Сирија им овозможи на руските воени стручњаци да ги откријат тајните на најмодерните американски авиони. Борбата против исламистите за Русите е „вистинско откровение“ во поглед на информациите кои ги добија, смета генерал-мајорот на Военото воздухопловство на САД Вералин Џејмисон.

„Доволно беше да се набљудува што правиме на небото над Ирак и Сирија за да се сфати како дејствуваме. Русија доби непроценливи податоци за тактиката, фреквенциите и радарите, како и „термички  портрет“ на најновиот ловец Ф-22 „Раптор“, изјави американскиот генерал на брифингот на Асоцијацијата на военото воздухопловство. Неговите зборови ги пренесува „Бизнис Инсајдер“.

Ф-22 „Раптор“ е американски ловец од петта генерација, чија борбена ефикасност е директно зависна од фактот дека радарите тешко го откриваат. Во Сирија овој авион е во употреба од 2014 година. Поради жештините и песочните бури од американскте авиони се излупи скапоцениот слој кој ги штити од радари, а пилотите на Ф-22 открија дека на сириското небо не се невидливи американските, туку руските ловци.

„Кога во близина се појавува Су-35, тоа е секогаш непријатно изненадување. Ф-22 нема сензори за да ги идентификува авионите во ноќни услови. Ние се обидуваме да воспоставиме врска со Русите преку специјален канал, но тие не одговараат“, се пожали потполковникот на Военото воздухопловство на САД, командир на  95 ловечка ескадрила стационирана во воздухопловната база Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати.

„Пилотите на американскиот „Раптор“ исто така имаа и други непријатности. Со цел да бидат понезабележителни нивните авиони не можат да разменуваат податоци во автоматски режим, така што пилотите мораат преку радио-врска да го пренесуваат едни на други она што го гледаат. Проблемот е и во тоа што на пилотските шлемови немаат систем за обележување на целта“.

„Морам да свртувам назад и да ги барам тие момци (руските ловци - заб. на уред.). Се свртувам на онаа страна каде што последен пат ги видов, наместо да ја следам позицијата на целта во својот шлем“, изјави американскиот потполковник.

Прочитајте која е предноста на рускиот Су-35 над американскиот Ф-22.