БМП-3 „Драгун“: Ненадминат крал на пешадијата од кој ќе се плашат и тенковите

Наука и технологија
СЛОБОДАН ЃУКИЌ
Современите борбени дејствија изискуваат од техниката која се наоѓа во состав на оклопно-механизираните сили сериозно ниво на универзалност. Определен степен на проодност и мала маса на оклопното средство решаваат различни задачи на фронтот како што е превоз на пешадијата, борба против леснооклопната борбена техника, но и определен степен на можности за борба против посериозен непријател.

Новиот изглед, едноставноста на употребата, како и респектабилното вооружување се обединети во едно возило. БМП-3 речиси три децении успешно ги решава сите задачи кои се наметнуваат пред копнените, оклопно-механизирани борбени системи. Употребливоста за поголем дел од овие машини е практично исцрпена, и тоа како во Русија, така и во странство, така што е насушно потребна модернизација на овие средства.

Неговото вооружување се состои од спарени топови во калибар 100/30 мм што ова возило го приближува на лесните тенкови кога станува збор за огнената моќ (за споредба прочуениот тенк Т-55 имал топ Д-10ТГ2 со калибар од 100 мм). Значи ова вооружување нема само функција за огнено да ја поддржува пешадијата во напад, ами и да ги уништува утврдените точки на непријателот, како и неговата лесна и тешка оклопна техника. 

Во целиот свет започна голема мешаница за универзални оклопни борбени возила. Токму БМП-3 ги задоволува овие критериуми. Него го краси исклучителната подвижност и големата огнена моќ, па е речиси извесно дека одличниот пакет модернизации ќе стане комерцијален хит во светот. 

Извонреден однос сила/тежина 

Една од најважните карактеристики на овој тип техника е што има одлична проодност и подвижност на фронтот. Во однос на својата конкуренција како што е на пример американскиот M2 Bradley, БМП-3 е мошне полесен. БМП-3 со дополнителна оклопна заштита која ја сочинуваат плочи со динамичка заштита + странични екрани за заштита на гасениците како и евентуално кумулативните решетки, нема да надминат тежина од 23 тони. Од друга страна M2 Bradley, особено неговата последна модернизација М2А3 достигнува тежина од речиси 35 тони. Агрегатите што ги движат двете машини се со приближни карактеристики. Моторот кој го придвижува БМП-3 произведува сила од околу 500 Кс, исто како и моторот што ја придвижува основната верзија на M2 Bradley. Со понатамошна модернизација на овие средства интегрирани се многу посилни мотори, со тоа што тежината на M2 Bradley од верзија во верзија растеше, за разлика од модернизацијата на рускиот конкурент. Значи во старт беше потешка од последната верзија на БМП-3М. Сега, како што рековме, најмодерната верзија М2А3 достигнува речиси 35 тони и има сила на моторот од 660 Кс. Кога станува збор за БМП-3 неговата последна модернизација БМП-3М незначително доби на тежина (19-20 тони), додека моторот УТД-32Т кој е вграден во оваа верзија генерира сила од 660 Кс (практично е со иста сила како и М2А3). Руските конструктори недостатоците во оклопната заштита се обидоа да ја компензираат со додавање реактивен оклоп „Кактус“ како и со можност за интеграција на електрооптичка активна заштита „Штора“, па и на пресретнувач „Арена“. Ова во основа неа само комерцијални проекти наменети исклучиво за извоз, но и добра основа за планирање на понатамошната еволуција на ова прекрасно оклопно средство.

 

Најновата модернизација на рускиот БМП-3 со ознака „Драгун“ во конструктивна смисла претставува сосема ново возило за разлика од своите претходници, што овозможи уфрлување агрегат кој има карактеристики на тенковски мотори. Имено, за верзијата „Драгун“ се планира интеграција на мотор кој ќе генерира сила од цело 820 Кс. Интересно е да се истакне дека овој мотор ќе биде интегриран на предниот дел од шасијата на возилото (нешто слично имаме кај израелскиот тенк „Меркава“). Со зајакнување на основниот оклоп кој ќе ја карактеризира верзијата „Драгун“, тежината не би требала да надмине 23 тони. Значи, оваа за разлика од американската машина ќе биде буквално ракета на гасеници. 

Другиот потенцијален конкурент Schützenpanzer Puma на германската компанија Krauss-Maffei Wegmann претставува оклопен, значително поголем, и конечно значително потежок транспортер. Неговата тежина достигнува 43 тони и практично се наоѓа во рангот на основните борбени тенкови. Но, тој е подобар од американскиот транспортер во смисла на тоа дека има мотор кој произведува 1.100 Кс, каде по своите перформанси спаѓа во класичните тенковски мотори. Се одликува со модуларен композитен оклоп кој може да издржи погодок од поткалибарска граната со калибар од 50 мм (БМП-3М од чело задржува граната со калибар до 30 мм, како и американскиот М2А3). 

Покрај стандардниот оклоп Schützenpanzer Puma има и активна електрооптичка заштита MUSS (герм. Multifunktionales Selbstschutz-System). Овој систем за активна заштита е наменет за борба против противтенковските насочувачки ракети. Имено, штом преку своите детектори со ласерско зрачење се регистрира потенцијално опасна ситуација, овој систем реагира во временски интервал од 1 до 1.5 секунда, каде ги активира фрлачите на димни кутии за создавање завеса од чад, или врши попречување на оператерот на противтенковскиот ракетен систем со помош на инфрацрвени рефлектори. 

Но, ниту еден од нив не може да се мери со руските оклопни возила кога станува збор за цената, како и способноста за интеграција во различни облици на борбени куполи на платформата на возилата.

Основно вооружување од кое стравуваат дури и тенковите

Измените на најновата верзија на БМП-3 „Драгун“ се навистина обемни. Вграден е компјутеризиран систем за управување со оган, возилото е поврзано во единствениот систем за тактичко командување, целосно се дигитализирани инструментите кои ги користат членовите на екипажот што резултира не само со побрз проток на релевантни информации за непријателот и за ситуацијата на боиштето, ами и со скратување на огнената подготовка за негово уништување. 

Конструкциските новини се однесуваат на преместување на комплетниот мотор со трансмисија во предниот дел на возилото, додека екипажот преминува во заштитениот дел каде се наоѓа заедно со десантното одделение. Единствено борбената купола остана на истото место како и кај основната верзија на БМП-3. 

Како што рековме, оваа концепција овозможува интеграција на различни типови борбени куполи. Покрај стандардните, но и во голема мера модернизирани борбени куполи кои се составени од спарени топови во калибар 100 мм и 30 мм, се планира и интеграција на купола со силен топ со калибар од 57 мм. Топовите со висока балистика со калибар од 57 мм се нешто сосема ново, и тоа не само во руски, ами и во глобални размери. Конкретно, станува збор за топот „А-220М“ со калибар од 57 мм, кој е дел од роботизираната купола која во комплет ја произведува познатото руско биро „ЦНИИ Буревесник“. Се очекува овој топ за трипати во далечина и за речиси шест пати во висина, да го надмине ефективниот дострел на автоматскиот топ 2А7А, што е навистина радикален исчекор. Притоа тој би имал борбена брзина на гаѓање од 120 гранати во минута (2А72-330 гр./мин,), и мошне поголеми ефекти на огнот на целта. На пример, поткалибарната граната со калибар 57х348 мм SR исфрлена од овој топ, ќе може како шега да ги „прострели“ и најтешките оклопни борбени возила на пешадијата, какво што е гореспоменатото Schützenpanzer Puma. Претпоставките се дека оваа муниција на далечини поголеми од 1.500 метри ќе имаат способност да пробијат хомогена панцирна плоча со дебелина и до 150 мм.

За борба против најтешките оклопни цели, како што се современите основни борбени тенкови, на платформата на БМП-3 се планира вградување борбена купола 2С25М „Спрут-СДМ-1“ која според квалитетот на основното вооружување и системот за управување со оган по ништо не заостанува од основниот борбен тенк Т-90 „Владимир“. Имено, и двата се опремени со моќни тенковски топови со калибар од 125 милиметри кои можат да исфрлат противтенковски ракети 9М119М1 „Инвар-М“ со пробојност од над 800 мм полн челик зајакнат со реактивни плочи. 

Врз базата на БМП-3 направена е и самоодна радарска командна станица МРУ-Б (модул за набљудување и управување) 9С932-1. Таа им обезбедува на единиците за противвоздушна одбрана средства за врска и можност за размена на податоци на бојното поле. Командното возило автоматски може интерактивно да насочува трупни противвоздушни ракетни системи, кои се наоѓаат во придружба на оклопно-механизираните борбени ешалони. Како што истакнуваат творците на овие уникатни техники, МРУ-Б во реално време истовремено следи до 80 воздушни цели, ги обележува како цели и ги дистрибуира на средствата за ПВО. Овој модул има способност за обработка на податоците од својот радар, но од други мобилни системи каде на тој начин образува единствено радарско поле над подрачјата за борбени дејствија. 

Дури и кога површно ќе се погледнат овие споредби, станува мошне јасно дека БМП-3 во овој момент е најуниверзалното возило на пешадијата во светот. Гледајќи ја од една страна неговата навистина мала основна тежина, а од друга силниот агрегат и убедливо најсилното основно вооружување, БМП=3 за 2-3 пати ги надминува своите западни конкуренти.

Прочитајте исто така „Во Оренбург формиран артилериски дивизион со голема огнена моќ“