Прикажани ексклузивни снимки од првиот лет на Су-57 со нов мотор

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Ловецот од петта генерација го изврши својот прв лет со нов мотор чии карактеристики се држат во тајност.

Се работи за големо придвижување во домашната авиоидустрија, цени Министерството за индустрија  и трговија на Русија. Су-57 може да извршува задачи за кои претходно беа потребни три ловци.

Во подмосковскиот град Жуковски е тестиран првиот руски ловец од петта генерација Су-57, пред да му се додели официјалниот назив Т-50“, со подобрен мотор од втората фаза на развој, означен како „производ 30“. Летот беше успешен и траеше 17 минути. Со авионот управуваше пробниот пилот на конструкторското биро „Сухој“, Херој на Русија Сергеј Богдан.

Според министерот за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров, во прашање е големо поместување во развојот на руската авиоиндустрија чии стручњаци покажаа дека можат да создадат високоинтелигентни напредни системи, како на пример иновативна дигитална опрема или нов мотор. Карактеристиките на Су-57 се држат во тајност, пренесува руската ТВ-станица „Русија 24“ која ги прикажа ексклузивните снимки од летот на новиот авион.

Она што секако се знае е дека Су-57 припаѓа на класата тешки ловци. Перспективниот авијациски комплекс на фронтовската авијација Т-50 (ПАК ФА, Су-57) е руски повеќенаменски ловец со максимална брзина на летање од три илјади километри на час. Авионот може да носи десет ракети наменети за воздушна борба и десет за напади врз цели на копно. Девет ракети ќе бидат од нова генерација. Су-57 ќе биде опремен со авионски топови калибар 30 мм.

„Успешниот лет со новиот мотор ќе претставува дополнителен потстрек во развојот на програмата за ловци од петта генерација“, истакна Мантуров.

Авионот има суштински нов систем на длабоко интегрирана авионика со висок степен на автоматизација на управување и паметна поддршка на екипажот, што на пилотот му овозможува да се концентрира на исполнување на тактичките задачи.

Првиот лет на ПАК ФА е извршен на 29 јануари 2010 година во Комсомолск на Амур. Во следните испитувања на летањето учествуваа девет авиони со мотори од првата фаза.

Министерството за одбрана на Русија планира наредната година да склучи договор за набавка на првата партија ловци од петтата генерација Су-57. Според заменик-министерот за одбрана на РФ Јуриј Борисов, тие ќе бидат воведени во состав на вооружувањето во 2019 година.