Зошто новата руска ракета – „убиец” на носачи на авиони ја вознемири Америка

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Сѐ повеќе американски експерти доаѓаат до заклучок дека скапите и гломазни носачи на авиони на САД тешко можат да претставуваат сериозна опасност за Русија. Развојот на ракетните технологии ѝ овозможува на Руската Федерација да ги држи тие добро вооружени бродови на „пристојна“ дистанца.

Како што признава аналитичарот на изданието Strategic Culture Алекс Горка, советската надзвучна крстосувачка ракета Х-22 „Бура“ со која, меѓу другото, се вооружени стратешките бомбардери Ту-22М3, дури и во „најскромната“ варијанта може да направи „дупка“ во носач на авиони широка 5, а длабока 12 метри, а тоа значи дека бродот гарантирано ќе биде потопен. Дострелот на оваа ракета е 600 километри, а боевата глава е тешка речиси еден тон (покрај фугасно-кумулативни пробојни боеви глави оваа ракета може да носи и нуклерна боева глава со сила од еден мегатон), наведува порталот rg.ru.

Ракетата е единствена поради необичната траекторија на летот. Кога ќе се откачи од авионот таа нагло го менува правецот и лета нагоре, достигнува висина од 22 километри, а потоа пикира кон целта речиси вертикално. На тој начин овој смртоносен проектил добива забрзување така што е тешко да биде соборен.

Како што пишува на сајтот на ТВ-каналот „Ѕвезда“, ракетата Х-22 имаше и недостатоци кои ја отежнуваа нејзината експлоатација. Нејзиниот морот трошеше 3000 литри крајно токсично гориво направено врз база на асиметричен хептил и концентрирана азотна киселина. Горивото се точеше непосредно пред полетувањето на бомбардерот затоа што поради токсичноста не смееше долго да се наоѓа во ракетата.

Не е ни чудо што западните воени стручњаци така бурно реагираа кога се дозна дека Воздушно-космичките сили на Русија тестираат модернизирана верзија на оваа ракета под ознаката Х-32. Однадвор таа е иста како и нејзината претходничка, но однатре е значително поинаква. Усовршениот мотор ѝ овозможува на ракетата да достигне висина од 40 километри, а благодарение на проредениот воздух во тие слоеви на атмосферата е зголемена должината на летот (околу 1000 километри). Максималната брзина на проектилот изнесува 5400 километри на час, што веќе се граничи со хиперсоничната брзина.