Противвоздушниот ракетен систем „Тор-М2“ поседува едноставни карактеристики и нема аналог во светот. Телевизискиот канал „Звезда“ прикажа емисија за можностите на ова оружје.
За почеток на гледачите им беше демонстрирано екстремно тестирање на системот „Тор-М2ДТ“ предвиден за Арктикот. На полигонот во Броници во близина на Москва оваа огромна машина на гасеници се движи по мошне непристапен терен.
Со оглед на своите габарити „Тор“ исклучително елегантно ги совладува сите пречки, па и мошне стрмни нагорнини од 35 степени покриени со вода.
Во случај на потреба, овој систем може да преплови преку река или преку езеро.
Фасцинантно е што „Тор“ може да се „труцка“ по нерамен терен со брзина од 45 километри на час и воедно да отвора оган и да ги испука сите свои ракети кои можат истовремено да следат четири цели.
Како што објаснува Павел Толшмјаков, началник на бирото на Ижевската електромеханичка фабрика „Купол“, американските ракети „Томахавк“ се типична цел за системот „Тор“ кои за него не претставуваат никаков проблем, иако овие крстосувачки ракети развиваат брзина од 880 километри на час и можат да летаат ниско.
„Нашите противвоздушни системи можат да одбијат дури и масивен ракетен напад. Згора на тоа компјутерскиот систем за управување автоматски препознава кои, од да кажеме 20 непријателски ракети, се први 'на ред' за уништување, а кои следуваат по нив“, вели Толшјаков.
„Тор“ може да излезе на крај и со помодерните американски ракети, како што се AGM-65 Maverick, со ласерска глава за самонасочување. Овие ракети развиваат брзина од 1.150 километри на час.
Тоа е разбирливо, со оглед на фактот дека овој противвоздушен систем „тренира“ на руските ракети „Оса“ кои развиваат брзина поголема од 1.500 километри на час.
Врвната прецизност на „Тор“ ја обезбедува фазната антенска решетка. Од неа не може да се скрие ниту мал квадрикоптер од полимер со јагленски влакна, во чија конструкција речиси и да нема метални делови.
Системот „Тор“ особено се гордее со своите ракети. Тие можат да го менуваат правецот во текот на летот и да погодуваат цели кои летаат мошне ниско – 4-5 метри над земјата.
„Тор“ е прв копнен воздушен систем во светот кој има изведено успешно гаѓање од палуба на воен брод.
Потсетуваме дека во септември 2016 година автономниот борбен модул на овој противвоздушен систем беше поставен на хеликоптерската писта на фрегатата „Адмирал Григорович“. Во пробното гаѓање погоди цел која ја имитираше американската противбродска крстосувачка ракета „Харпун“.
Особеноста на „Харпун“ е во тоа што во крајно нискиот лет може да го нападне непријателот хоризонтално, движејќи се паралелно со водата на висина од 2 до 4 метри, но и вертикално, пикирајќи се на висина од 1.800 метри.
„Тор“ успешно ги одби и едниот и другиот напад.
Уште еден интересен експеримент е извршен со овој противвоздушен ракетен систем на неодамнешните маневри во Белорусија каде цел на системот „Тор“ беше ракета испукана од системот за плотунски оган „Град“. „Тор“ успеа да ја пресретне иако почетната брзина на проектилот изнесуваше 1.000 метри во секунда.