Како што пренесува овој медиски портал, а исто така и „Росијскаја газета“, кај американскиот ловец F-22 Raptor максимално е применета стелт-технологијата која овозможува да биде „невидлив“ за противничките радари. Авторите на овој текст ги фалат неговите исклучителни маневарски способности, како и квалитетот на визуелната прегледност од кабината на пилотот. Ова му овозможува брзо да ја открие секоја опасност што се наоѓа во неговото видно поле и моментално да реагира на неа.
Кај авионот F-22 Raptor се применети посилни мотори (мод. Pratt & Whitney F119-PW-100) одошто кај, на пример, авионот F-15 Eagle, а исто така посилен е и неговиот радар AN/APG-77v1 кој има својства да може да го забележи и да го класифицира непријателот пред тој него да го открие.
Кај Raptor постојат три оддели за сместување борбени средства. Во нив се наоѓаат ракети со краток дострел од класата воздух-воздух, опремени со инфрацрвени боеви глави за самонасочување. Станува збор за ракетите AIM-9M / X Sidewinder. Исто така овој авион може да носи шест насочувачки ракети со среден дострел од класата воздух-воздух AIM-120 AMRAAM („Slammer“), како и управливи бомби JDAM. Вооружен е со ротациски топ со калибар од 20 милиметри M61A2 Vulcan со борбен комплет од 480 гранати.
Кога станува збор за рускиот пандан Су-57, авторите напомнуваат дека за разлика од американскиот ловец F-22 Raptor сè уште не знаат многу за новиот авион. Сепак, американските стручњаци сметаат дека станува збор за фундаментално различни летала каде при конструирањето на F-22 Raptor повеќе внимание е посветено на неговата можност за маневрирање и особено „невидливоста“, додека кај Су-57 се фаворизира максималната брзина и агилноста. Тешко дека некој може да се мери со маневарските способности на овој авион, особено кога борбата се води во зона на хиперсонична брзина.
Благодарение на најновиот радар Н036 „Белка“, Су-57 може да открие авиони кои имаат стелтни карактеристики. Освен тоа, пилотот на овој апарат располага и со напреден систем на инфрацрвена детекција на делта и нејзино следење, што претставува посебно поле на интерес на американските воени стручњаци.
Изданието понатаму наведува дека овој авион располага со два внатрешни борбени оддели во кои можат да бидат поставени четири ракети со среден дострел од класата воздух-воздух К-77М (сосема модернизирана ракета Р-77/РВВ-АЕ). Претпоставката е дека овие ракети можат да погодат цел на оддалеченост поголема од 160 километри. Покрај овие ракети авионот може да носи и проектили со краток дострел воздух-воздух К-74М2 опремени со инфрацрвени глави за самонасочување.
Главната задача на Су-57, според авторите на овој текст, е детектирање и елиминација на закани на големи растојанија. Притоа, овој авион, благодарение на своите одлични брзински својства, може молскавично да реагира на евентуална опасност и да го напушти борбеното поле доколку неговиот пилот процени дека во него не може да излезе како победник.
Но, тоа не е сè...
„Комбинацијата на способноста на маневри и комплексот на инфрацрвено пребарување на просторот на кој се изведува воздушната борба може да биде смртно опасна за американските авиони“, признаваат авторите на овој текст.
Од друга страна американскиот F-22 пред сè се потпира на својата невидливост и способноста за маневрирање, како и на можноста на радарот да го открие противникот на големи далечини.
Значи, комбинацијата од силен радар и поквалитетно изработена стелтност на авионот претставува маневарски простор каде F-22 има шанса. Ова е од особена важност во првата фаза на евентуалната воздушна борба, напомнуваат американските стручњаци. Кога би се влегло во зона на блиска борба, таканаречен догфајт, најверојатно во тој случај поголеми шанси би имал Су-57.
Во секој случај многу е неблагодарно да се зборува за евентуалните резултати од директен судир помеѓу овие два авиони, дури и во теоретска анализа, зашто рускиот авион за голем број луѓе и понатаму останува мистерија.