Како странец може да купи оружје на концернот „Калашников“?

Наука и технологија
БОРИС ЕГОРОВ
Граѓаните на Русија не можат лесно да набават оружје, бидејќи тоа не е Америка. Во продажба се само спортски или ловечки пушки и тоа за оние кои имаат дозвола. Концернот „Калашников“ прави такво оружје, а има и интернет-продавница каде што дури и странец може да купи пушка, иако претходно мора да помине извесни бирократски перипетии.

Нова онлајн продавница

На меѓународната изложба „Оружје и лов 2017“ концернот „Калашников“ отвори нова онлајн продавница за продажба на цивилно оружје. Асортиманот е широк: ловечки пушки, воздушни пиштоли, како и верна копија на познатиот воен автомат од кој не може да се пука.

Како да купите?

Оружјето може да се нарача на официјалната веб-страница kalashnikov.com, но не на англиската, туку на руската верзија на страницата (патем, не е можно да се нарача достава преку пошта во странство).

Треба да се избегнува опцијата „Интернет-магазин“ (Интернет-продавница), бидејќи на купувачите овде им се нудат воздушни пиштоли, копии на воениот автомат, брендирана облека и сувенири.

Ако сакате вистинско оружје, изберете ја опцијата „Продукция“ (производи), потоа „Гражданское стрелковое оружие“ (Цивилно стрелечко оружје). Овде ќе ги најдете полуавтоматските пушки „Сајга“, снајперските пушки „Тигар“, карабините „Собољ“ и уште многу повеќе оружја за лов, спорт и обука.

Истакнати се детални информации за оружјето - спецификации, фотографии и цени.

Кога ќе го изберете саканиот модел, кликнете „Заказать“ (Нарачај). Пополнете ги соодветните полиња: име, адреса, итн., и линкот до вашата дозвола за поседување оружје (задолжително). Доколку сѐ е во ред, вашето оружје ќе биде доставено до соодветната продавница која ги нуди производите на концернот „Калашников“.

Задолжително понесете ги со себе пасошот и дозволата за поседување на оружје за да ја преземете вашата роба.

Кој може да купи оружје?

Ако сте странец, нема да ви биде лесно да го реализирате купувањето. Треба да се обратите до МВР, поточно до службата која има прилично долг назив – се вика Општа администрација за одржување на јавниот ред и координација со телата на извршната власт на субјектите на Руската Федерација.

Дозвола може да се издаде само на барање на дипломатското претставништво на земјата чиј државјанин е купувачот. Покрај тоа, оружјето мора да биде изнесено од Русија во рок од 10 дена од денот на купувањето.