Во Сибир пуштена во работа првата соларна електроцентрала изградена од модул од руско производство

Наука и технологија
ИВАН МОРОЗОВ
Во Мајминскиот реон во Република Алтај почна со работа првата соларна електроцентрала составена од хетероструктурни модули од домашно производство со висок степен на експлоатација.

Инвестициите во објектот, пренесува ТАСС, изнесуваат околу две милијарди рубли (над 29 милиони рубли). Изведувач на работите е компанијата „Солнечнаја енергетика“ (Солнечная энергия). Електроцентралата е специфична по тоа што во нејзиното градење се користени хетероструктурни модули со подобрена ефикасност. Тие во голема мера ја зголемуваат трансформацијата на сончевата енергија дури и кога е времето облачно.

Инвеститор и главен изведувач на работите на Мајминската електроцентрала се организациите од групацијата компании „Хевел“ (заедничко претпријатие на групацијата „Ренова“ и акционерското друштва „Роснано“). Како што се наведува на сајтот на компанијата, хетероструктурната технологија која е применета во фабриката во Новочебоксарск припаѓа на новата генерација силициумски соларни елементи кои се одликуваат со највисок степен на експлоатација на ќелиите, преку 22 отсто, и со широк температурен дијапазон на употреба.

„Сѐ на сѐ, сега имаме 40 мегавати свое производство, а зиме за време на најголемото оптоварување на мрежата целата република троши 120 мегавати. На тој начин веќе обезбедивме третина од неопходните потреби и не планираме да запреме на постигнатото“, изјави првиот човек на Република Александар Бердников.

Мајминската соларна електроцентрала, чија изградба почна во мај оваа година, е четвртата по ред централа пуштена во работа од страна на компанијата „Хевел“. Претходно овој регион во соработка со споменатата фирма планираше до 2019 година да оствари вкупен капацитет на производство на соларна енергија на Алтај до 90 мегавати.

За светскиот тренд на развој на обновливи видови на енергија зборува и фактот дека во јужната кинеска покраина Анхуи, позната по наоѓалиштата на јаглен, неодамна почна со работа најголемата пловна соларна електроцентрала со капацитет од 40 мегавати, со повеќе од 120 илјади соларни панели на 86 хектари кои со енергија ќе обезбедат 15 илјади домаќинства, потсетуваат медиумите.