Русите нема да живеат само од нафта: Соларната енергија зема замав

Александар Крјажев/RIA Novosti
Зошто најстудената земја на светот ја „лови“ енергијата на Сонцето?

Во Русија побарувачката за соларна енергија е ниска, но московската компанија „Хевел“ произведува соларни панели со 22% енергетска конверзија, што е највисок показател во светот.

Покрај руската компанија „Хевел“ само две фирми во светот произведуваат соларна опрема слична според ефективноста. Тоа се Панасоник (Јапонија) и Сан пауер (САД). Мнозинството други крупни светски производители, вклучително и кинеските и корејските компании кои имаат поголем удел на пазарот, произведуваат соларни панели чија ефикасност на конвертирање на енергијата на сонцето во електрична енергија ретко кога надминува 15%.

Колку соларни електрани има во Русија? 

Уделот на Русија во производството на сончева енергија изнесува сè на сè 0.03% зашто за потребите на производството на електрична енергија во земјата многу повеќе се користат традиционалните енергенси со висока ефективност на претворање во електрична енергија – гас, нафта, хидроелектрани и нуклеарни електрани. Сепак, во последниве неколку години во Русија активно се развива сончевата енергетика. 

Соларната електрична централа Кош Агач во  Република Алтај е отворена во 2014 година.

Така во 2014 година во Русија е отворена првата соларна електрана, а денес во земјата веќе има дванаесет. Наскоро ќе биде пуштена и тринаесеттата. Овие електрани се дел од единствениот национален енергетски систем. Четири електрани се во Оренбуршката област, две се во Башкортостан, две на Алтај, и по една во Хакасија и во Белогородската област. Секоја од нив има сила од 1 до 40 MW. 

Вкупната сила на соларните електрани изнесува 150 MW, што е незначително во однос на 300 GW колку што вкупно се произведува во светот.

Бурибајевска соларна електрана во Башкортостан.

Русија не започна да гради соларни електрани затоа што тоа стана модерно, ами од причина што е подигнато нивото на нивната ефикасност, така што тие станаа исплатливи во регионите кои се далеку од традиционалните извори на енергија и истовремено имаат многу сончеви денови. Дури и во определени региони на Сибир има речиси 300 сончеви денови годишно и покрај ниските дневни температури. 

Крим има веќе 13 соларни електрани со вкупна сила од 400 MW, но тие не се интегрирани во единствениот енергетски систем на Русија и обезбедуваат енергија само за полуостровот. Овие електрани во 2011 и во 2012 година ги изгради австриската компанија Актив Солар. Проектите ги кредитираше група банки кои се надеваа дека ќе остварат профит од инвестицијата преку специјални зелени тарифи што го имаше усвоено украинската влада. Денес е евтина струјата од руските термоелектрани, така што австриските термоелектрани се всушност загубари. Тие сега користат само дел од својот капацитет и не се знае што ќе се случи со нив понатаму. 

Покрај електраните кои се дел од единствениот енергетски систем на Русија постојат и соларни електрани кои функционираат независно од овој систем. На пример, соларните фирми во сибирското село Менза (6.100 километри од Москва) снабдуваат со енергија три оддалечени населби и автономната соларна електрана во селото Јајљу на Алтај (4.000 километри источно од Москва), повеќе му одговараат на локалното население одошто стариот агрегат кој работи на дизел гориво. Исто така постои мала електрана на прочуениот остров Валаам (1.040 километри северно од Москва) која ги снабдува со енергија манастирските стакленици. 

Соларна електрана во Менза.

Поголемиот број од овие соларни електрани (со исклучок на оние на Крим, во Оренбуршката област, Белогродската област и во Хакасија) ги има изградено компанијата Хевел. Двете најголеми исто така користат фотогалвански панели на Хевел. 

Во скоро време Русија планира да искористи уште 334 MW соларна енергија во Оренбуршката, Саратовската, Волгоградската и во Астрахањската област, како и на Алтај, во Бурјатија и во Башкортостан. „Хевел“ планира до 2020 година да изгради соларни електрани со јачина од 1 гигават.

„Помалку силициум – пониски цени“ 

Амбициозните планови за изградба на нови електрани се појави кога Хевел се научи да произведува соларни панели кои конвертираат 22-22.4% од енергијата. Тоа во значителна мера ја зголеми рентабилноста на сончевата енергија.

Ефикасноста на претворање на енергијата со помош на новите панели надминува 22%.

Во 2017 година компанијата ја модернизираше својата електрана во Чувашија, опремувајќи ја со соларни панели изработени според хетероструктурна технологија. Оваа технологија е создадена во научноистражувачкиот центар во Санкт Петербург. Просечната сила на овие панели изнесува 300 вати, што е двојно повеќе од панелите од претходната генерација.

Згора на тоа, новите панели се поефикасни кога е облачно и имаат ќелии од двете страни. Според генералниот директор на Хевел Игор Шахрај, ќелиите впиваат и светлост која се одбива од снег, вода, песок и земја, а рокот на траење изнесува 25 години на температури од -40 до +85 степени според Целзиус. 

Во соларната електрана „Хевел“ во градот Новочебоксарск, Чувашија (690 км источно од Москва).

Ќелиите се составени од моносицилиумски плочки, а нивната површина е испрскана со нанослоеви на аморфен силициум, а потоа со индиум-калај оксид. „Тоа овозможува во иднина ќелиите да апсорбираат максимално количество светлина и потоа да ја претворат во електрична енергија“, вели инженерот Пјотр Ишмуратов.

Секоја плочка има дебелина од 180 микрони, но планирано е да се произведуваат плочки со дебелина од 150 микрони, а потоа дури и од 90 микрони. Зошто? Колку е потенка плочката, поевтин е панелот. „Колку помалку силициум, толку е пониска цената“, истакна Шахрај.

Секоја ќелија има дебелина само 180 микрони.

Компанијата вложи речиси 4 милијарди рубли (68 милиони американски долари) во модернизација на производството, од кои 300 милиони рубли (5 милиони американски долари) доби од Фондот за развој на индустријата чиј основач е руското Министерство за економија. Со тие пари делумно се покриени деловните набавки, склопувањето и монтажата на опремата. 

„Во овој момент ова е прв отворен проект во областа на соларната енергетика“, вели Роман Петруца, директор на споменатиот фонд. Во земјата постојат 170соларни проекти во кои се интервенирани вкупно 43 милијарди рубли (7.5 милијарди американски долари).

Првата партија панели со хетерогена структура е веќе испорачана на соларната електрана на Алтај. Нивната сила е 20 мегавати, што може да обезбеди струја за околу 4.000 домаќинства. Ќе биде пуштена во употреба во септември.

Групацијата Хевел („хевел“ на чувашки јазик значи „сонце“) е најголема руска компанија која во моментов се занимава со соларна енергија. Основана е во 2009 година од компаниите Ренова и Роснано кои во неа имаат 51, односно 49 проценти акции. Денес компанијата има фабрика во Чувашија која произведува соларни панели, има научен центар во Москва и научноистражувачки центар во Санкт Петербург. Својата прва фабрика Хевел ја има отворено на Алтај во 2014 година.

Што станува со станбените објекти? 

Изградбата на индустриски соларни електрани ќе им овозможи на компаниите да остварат профит во следниве 15 години, соопшти службата за односи со јавноста на компанијата Хевел. 

Предностите од користењето на соларната енергија се очигледни: нема штета за природната средина, поголема е безбедност и независноста од рудните богатства. Се поставува прашањето дали домаќинствата ќе заштедат струја и пари ако постават соларни панели на покривите. 

Соларната електрана на острвот Валаам ги снабдува со енергиија манастирските стакленици.

„Денес расте побарувачката за автономни соларни системи“, истакна Антон Усачов, директор на Асоцијацијата за соларна енергетика на Русија. „Во Русија вкупната сила на ваквите системи изнесува околу 6.000киловати, а силата на секој од нив изнесува 5 киловати. Тоа е доволно за да се обезбеди струја за работење на домашните уреди, односно за осветлување, фрижидер, телевизор итн. Главно, соларната енергија може да се користи за сè освен за греење“. 

Соларната „варијанта“ најмногу им се исплатува на потрошувачите од југот на Русија, на Рускиот далечен исток, на југот од Сибир и во определени централни региони кои се далеку од традиционалните извори на енергија. 

Некои земји, како што е Германија, имаат таканаречени „зелени тарифи“. Тоа значи дека потрошувачот може да го продаде вишокот енергија на националната енергетска мрежа. Во Русија, сепак во станбените објекти се користат само автономни соларни системи. Но, како што објаснува Усачов, Русија во 2018 година ќе работи на правно-нормативна база која ќе им овозможи на домаќинствата со соларни системи да се вклучат на националната енергетска мрежа. 

„Сега компаниите од оваа област подготвуваат понуди кои на потрошувачите ќе им овозможат вишокот енергија да ја продадат на државата“.

Од таа причина, меѓу другото, Усачов верува во светлата „сончева“ иднина на Русија.

„Соларната енергија постепено ги потиснува традиционалните енергенси. Од година в година сè помалку средства се трошат на технологии и производство, што не е случај со традиционалните енергенси“.

Доколку технологијата продолжи да се развива со тоа темпо, за 10 години користењето на обновливи извори на енергија ќе биде поефикасно од користењето на традиционалните енергенси. „Иднината е во соларната енергија“, вели Усачов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња