Рогозин на својот „Фејсбук“ профил напиша само една реченица која го објаснува целиот интерес на странските војски за набавка на ова возило, а тоа е дека се работи за оружје со уникатна конструкција кое нема адекватен конкурент во светот. За БМПТ „Терминатор“ особен интерес покажаа држави како Сирија и Израел. Сирија, затоа што на дело ги виде борбените можности на ова средство во борбата против терористите, а Израел, кој не препушта ништо на случајот кога оружје со нов квалитет ќе се појави во редовите на неговите регионални непријатели, како што е случајот со сириската војска. Нема сомнение дека елементи на сириската разузнавачка служба се присутни на теренот и дека имаат солиден увид во квалитетот на руското борбено возило поткрепен од извори од „двете“ страни на фронтот.
Рускиот воен експерт Виктор Мураховски, кој е инаку раководител на медиумската куќа „Арсенал Отечества“, ги изнесе основните борбени карактеристики и перспективи на рускиот „Терминатор“.
„Како прво, основниот концепт на борбеното возило за огнена поддршка на тенковите во напад постои уште од времето на СССР. Неговата основна намена е решавање на задачи за огнена поддршка во поблискиот радиус на фронтот, во зоната на дејство на тенковските топови (до 5000 метри во длабочината на непријателскиот фронт). За овој концепт е предвидена силна конфигурација на вооружување која има за цел ефикасно да се бори против непријателска жива сила која е засолнета (бункери, ровови, урнатини) и опремена со рачни и ракетни противтенковски средства, како и против мобилних огнени точки како противнички тенкови, борбени возила на пешадијата, моторизирани средства и сл. За опремување на возилото е применета хибридна топовско-ракетна шема со 2 спарени топа 2А42 со калибар 30 мм и противтенковски ракети 9М120 „Атака“, кои му обезбедуваат успешна борба против најсовремените тенкови на денешницата. Накратко, се работи за еден универзален борбен спој кој ефективно може да го покрие целиот нападен ешалон при пробивање на непријателскиот фронт“, истакнува Мураховски.
Министерството за одбрана на Руската Федерација веќе почна да го купува ова возило. Точната бројка на купените „Терминатори“ е сѐ уште непозната, но се претпоставува дека врз основа на вредноста на потпишаниот договор не ја надминува бројката од 10 единици, што претставува формација од рангот на една оклопна чета. Покрај руската војска, БМПТ „Терминатор“ од неодамна се наоѓа и во редовите на казахстанската војска, која веќе го користи во состав на своите оклопно-механизирани единици.
Што се однесува до странство, освен Израел и Сирија, за ова возило е заинтересирана и Индија. Зголемениот интерес е резултат на неговата успешна борбена премиера во Сирија. Постојат, додуша неофицијални извори кои зборуваат за исклучително ефикасната употреба на ова средство во услови на сириската пустина, каде терористите опремени со модерни противоклопни ракетни средства се просто десеткувани во близок судир со рускиот „Терминатор“.
Веќе од следната година се очекува интензивна експлоатација на ова средство во трупни услови, врз основа на што ќе се формираат практични искуства во која насока треба понатаму да се развива ова возило. Имено, сериозно се разгледува модификацијата на топовското вооружување, така што место 2 спарени топа 2A42, ќе се интегрира уште посилен топ. Станува збор за топот АУ220М „Бјкал“ со калибар 57 мм. Овој проект би го носел името „Терминатор 3“, а основната платформа ќе биде шасијата на тенкот „Армата“. По решавањето на овие проблеми се очекува масовно производство на „Терминатор“ и опремување на руските оклопно-механизирани единици со ова средство и тоа во целосен обем. Според началникот на Главната управа за оклопна техника на Министерството за одбрана на Руската Федерација Александар Шевченко, само руската армија има потреба од набавка на 4000 единици БМПТ „Терминатор“.
Имено, познат е фактот дека руската војска како клучна точка во својата доктрина има тенденција за максимално зачувување на сопствената жива сила која, меѓу другото, ќе се оствари и со радикална „роботизација“ на боиштето на кое основната улога ќе ја имаат ултра-софистицирани роботизирани системи без екипаж. Постојат сериозни индиции дека токму врз база на БМПТ „Терминатор“ ќе се развива прототип на роботизирано возило без екипаж, кое ќе го сочинува најголемиот број од вкупно 4000 „Терминатори“.