Бизнисот ќе ја освои вселената

Извор: NASA.org

Извор: NASA.org

Руските проекти за освојување на вселената, меѓу кои се и изградбата на сателити и хуманоидни роботи за работа на вселенските станици, ќе се реализираат со помош на приватниот бизнис.

На крајот на ноември Михаил Кокорич, раководител на приватната руска компанија-производител на сателити „Даурија Аероспејс“, предложи нов бизнис-проект за рускиот дел на МВС. Тој сака да договори испорака на наносателити за станицата во пратки со помош на ракета-носач, а потоа по нарачка на клиентот да испорачува сателити во орбитата. Според мислењето на Кокорич, лансирањето минијатурни сателити ќе помогне да се добијат дополнителни средства за развој на руската вселенска индустрија. Новата услуга се планираше да стартува во 2019 година, меѓутоа, со оглед на тоа што Русија планира да се откаже од користењето на МВС веќе во 2020 година, не е познато дали ќе биде реализиран овој проект. 

Русија ќе гради нова вселенска станица
Русија од 2017 година може да почне да распоредува сопствена вселенска орбитална станица со голем опфат. Проектот е направен од научните организации на Федералната вселенска агенција (Роскосмос).

Вселенските програми во Русија до неодамна остануваа императив за државата, но на некои комерцијални компании веќе им успеа самите да се препорачаат на овој пазар. Покрај „Даурија“, тоа е, на пример, „Сканекс“ – снабдувачот  со сателитски снимки за мапи за Јандекс и Росреестр. 

Кому му е потребна приватна вселена? 

Државата планира постепено да им ја препушти долната орбита на комерцијалните компании, изјави за „Руска реч на македонски“ Денис Лисков, заменик-раководител на Роскосмос. Меѓутоа истражувањето на далечната вселена ќе биде сложено да се комерцијализира во блиска иднина, смета тој. 

„Ние денес вложуваме огромни средства во развојот на вселенските технологии. Но, на стадиумот на нивната комерцијализација треба да се вклучат и комерцијалните компании. А, на федералните агенции им е потребно да одат напред и да се занимаваат со истражување на Месечината, астероидите, мисијата на Марс“, објаснува Лисков. 

Во следниве неколку недели Роскосмос треба да го даде на разгледување во владата проектот на Федералната вселенска програма за 2016 – 2025 година. Според Лисков, благодарение на оваа програма претприемачите ќе успеат да дознаат за технологиите кои ќе се развиваат и да ги користат за создавање сопствени производи. „Нам ни се интересни сите амбиции, идеи, иницијативи на комерцијалните компании, изјави Лисков за 'Руска реч на македонски'. – Ние сме подготвени да ги поддржиме за да можат тие во иднина да создадат во вселената здрава конкуренција за државата.“ 

Меѓу перспективните правци на развој за приватните компании се навигацијата, врските, снимањето, роботиката. На пример, како што изјави Лисков во текот на своето излагање на форумот „Денови на роботиката“ што се одржа од 21 до 23 ноември во Сочи, дел од работата на МВС би можеле да ја преземат хуманоидни роботи кои ќе бидат управувани далечински, како во филмот „Аватар“. Првите чекори кон тоа се веќе направени: роботот САР-401 е дизајниран во 2013 година од НПО „Андроидна техника“. Роботот  фактички  ги повторува сите активности на човекот, а голем број операции ги врши далечински.

Каде да се бара клиент за вселената? 

Според податоците на Роскосмос, обемот на светскиот пазар за вселенски услуги изнесува околу 250-300 милијарди американски долари. Меѓутоа, основни клиенти на него остануваат да бидат државните компании и федералните агенции. „Тоа се имено услуги, а не конструкција на вселенски летала и ракети“, забележува Лисков. 

Во Русија нема толку многу приватни играчи кои би можеле да ги искористат „вселенските сервиси“. Меѓутоа вишиот потпретседател за иновации на фондот „Сколково“ Василиј Белов смета дека руските старт-ап компании можат да бидат барани во целиот свет: побарувачката за технологии на полето на комерцијалната вселена расте. „Големите проекти на таквите корпорации како што е Google, на пример, го стимулираат развојот на пазарот“, смета Белов. Во вселенскиот кластер „Сколково“ членуваат во моментов над 100 компании.

Освојувањето на Месечината ќе го намали дефицитот на ретки метали
Руските научници веќе ја нарекуваат Месечината вселенска истурена караула за летови на другите планети. Меѓутоа, основната цел за освојување на планетата е зголемувањето на обемот на ископување на ретки метали.

Google ги финансира приватните разработки на вселенски технологии: пребарувачот понуди 20 милиони долари на онаа приватна компанија која ќе успее до крајот на 2015 година да  испрати робот на Месечината. Во 2011 година компанијата вети дека ќе го финансира проектот за вселенски лифт кој ќе транспортира патници од Земјата во вселената. А, во ноември годинава Google го изнајми од НАСА аеродромот Moffett Federal Airfield за 1,6 милијарди долари за период од 60 години. 

Според Белов, интересна област за развој на технологијата се наоѓа во спојот на вселената и земјоделството. „На пример, технологијата exact farming, кога снимката од вселената овозможува да се анализираат слоевите на почвата до неколку метри. Кога машините го расејуваат ѓубривото во почвата, земјоделската техника работи според сликата од вселената, и депозиторите се отвораат таму, каде што е неопходно“, раскажува Белов. На тој начин, според неговото мислење, може да се заштеди до 40% ѓубриво кое останува основна ставка во расходите во земјоделството. 

Белов го споредува значењето на навигацискиот систем ГЛОНАСС за вселенските старт-апи со важноста на AppStore за апликациите. „Сега во Русија постојат платформа, сателити, податоци создадени од државата. Околу нив може да се создаваат индустриски апликации. Тоа може да биде прогноза на квотите, анализа на резервите на руда во пристаништата и многу други нешта. Би било добро кога голем број од иноваторите би почнале да работат во тој правец“, изјави тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња