Фотографија: Владимир Остапкович / РИА Новости
Тајниот тенк „Армата“ (ќе биде претставен на пошироката јавност на јубилејната парада во чест на Денот на победата на 9 мај 2015 година) ќе биде опремен со оклоп „44С-СВ-Ш“. Како што изјави претставникот на претпријатието дизајнер НИИ „Стали“ Евгениј Чистјаков на изложбата во Москва „Интерполитех-2014“, новиот оклоп не ги губи своите својства и може да се користи при арктички температури.
Тенкови на Арктикот?
Оваа изјава кажува дека Русија ја разгледува можноста за употреба на тешка оклопна техника на Арктикот, каде деновиве се формира воена група на руските вооружени сили. Арктикот може да стане јаболко на раздор меѓу водечките држави за енергетските ресурси на нафта и гас кои се наоѓаат под мразот што се топи. Русија уште денес го истакнува своето право на значителен дел од овие ресурси и постојано го зголемува военото присуство во тој регион.
Како што претходно изјави командантот на Копнената војска на РФ генерал-полковник Александар Постников, техничката основа на арктичката бригада во блиска иднина е повеќенаменскиот оклопен транспортер-теглач МТ-ЛБВ. Понатаму ова ќе биде боевата платформа за серијата борбени и логистички возила врз база на артикулирана оклопна гасенична унифицирана платформа. Официјално Министерството за одбрана не зборува за формирање оклопна бригада на Арктикот. Најблиската моторизирана единица на ВС РФ се наоѓа во градот Печенга во Мурманската област на Русија.
Сепак, воената команда треба да ја разгледа теоретската можност за употреба на секаква техника на територијата на своите интереси. Ваква територија денес е Арктикот.
Говорејќи за распоредување и водење на борбени дејства со употреба на оклопна техника во услови на критично ниски температури, важно е да се има предвид искуството на советската војска. Во годините на Втората светска војна советската армија успешно дејствуваше против германските сили на територијата на Финска и Норвешка.
Како што забележува независниот воен експерт на полето на вооружувањето на копнените сили Алексеј Хлопотов, руските тенкови ја покажаа својата надмоќ уште во Втората светска војна во Северна Норвешка во Петсамо-Киркинеската офанзива. „Тенковските бригади и самоодно-артилериските полкови одолеваа на норвешките клифови на силни мразови. И тоа не беа современи тенкови, туку модели од 1940 години: тенкот КВ (Клим Ворошилов) и самоодните артилериски орудија ИСУ-152 на база на тенкот ИС (Јосиф Сталин)“, изјави Алексеј Хлопотов. Во тие реони зад Поларниот круг температурата паѓа и до -40оС. Во околината на руски Мурманск кој се наоѓа зад Северниот поларен круг, во советскиот период не ретко се одржуваа тестирања на тенковите, забележува експертот.
Тенкот ќе стане полесен
Новиот тенк „Армата“ според замислата на војската ќе има предност поради полесниот оклоп. На конструкторите им успеа да ја зголемат цврстината на челикот и да ги зачуваат нејзините пластични карактеристики. Таквата комбинација овозможува да се намали дебелината на оклопниот лист за 15% без влошување на заштитните карактеристики. Новиот материјал се планира да се користи и при модернизацијата на техниката која војската веќе ја има. Новиот вид челик има високи заштитни карактеристики благодарение на ситнозрнестата структура, оптимизираниот процес на легирање и посебната термичка обработка, истакнува во своето соопштение НИИ „Стали“. Задачата на новиот оклоп е заштита на боевите модули, оптичкоелектронските уреди и надворешната апаратура на тенкот од зрна од пешадиско оружје и проектили од автоматски топови.
„За сметка на подобрувањето на својствата на легирање на челикот, ќе се намали крепкоста, што е потребно за работата на техниката во области со ниски температури,“ објаснува независниот воен експерт, автор на книгата „Армијата на Русија“ Михаил Тимошенко.
Покрај сета иновативност на „тенкот на иднината“, не се исклучени и проблемите со кои тој може да се судри во екстремно студени региони. На пример, во зоната на ризик од ниски температури може да се најде електронскиот систем на „Армата“. Потребно е да се земе предвид ефикасноста на употребата на тешката оклопна техника од гледна точка на заштитата и подготвеноста на електрониката да ги поднесува температурните и атмосферските оптоварувања.
Затоа дури и кога се има суперчелик, со електронскиот систем може да има проблеми. Но повторно, тука треба да се знаат реалните карактеристики и можности на радио-електронскиот систем на оклопната техника кој во современите модели го има повеќе од доволно, коментираше за „Руска реч на македонски“ независниот воен експерт Василиј Поњатов.
За целата воена радиоелектроника наведен е температурниот дијапазон на употреба (на пример, од -50 до +50). За Арктикот ова ќе значи веќе покачена горна граница на дијапазонот и соодветно воено прифаќање на радиски компоненти за РЕО и самата електронска терминална единица, изјави експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче