Григори Сисоев / РИА Новости
Валентина Терешкова замина кон ѕвездите на 16 јуни 1963 година со вселенскиот брод „Восток-6“. Сега таа е пратеник во рускиот парламент (Државната дума). Новинарката на „Росијскаја газета“ поразговара со Терешкова во нејзиниот кабинет во Државната дума.
Дали сте екстремна по природа?
Никогаш не сум се сметала за екстремна. Секој човек си ја врши својата работа, се среќава со тешкотии и ги надминува.. Во тоа време многумина сакаа да полетаат во вселената. А, успехот на Гагарин им даде на сите кураж. Тоа особено се однесува на спортистите кои се занимаваа со авијатичките видови спорт <...>
Кон крајот на 1961 година ме повикаа да поминам кај комисијата. Од целата земја, од повеќе од илјада девојки избираа пет. <...> Ни предложија да ја испитуваме новата техника. Ни проверуваа апсолутно сè: физичката подготвеност, психолошката издржливост.
Веќе на почетокот на 1962 година започна активна подготовка. Командантот на одредот Јуриј Гагарин и покрај сиот свој шарм, од нас бараше многу. На тренинзите повеќе нè подготвуваа психички, одошто физички. Бевме падобранци – скокавме ноќе и преку ден, на копно и во море. <...>
Но, секој пат за нас беше ново искуство. Дури и чувството на бестежинска состојба. Тогаш сè уште немаше специјален тренажер, хидролабораторија. Во авионот, кој правеше специјални фигури, се создаваа куси моменти на бестежинска состојба, за да можеме да го почувствуваме тоа, да се навикнеме.
На специјална фотелја што се врти требаше не само да седиме, туку и да се наведнуваме. Во термокомората требаше да седиме во летен комбинезон на температура од +70 степени Целзиусови. Друг предизвик беше изолациската комора, која беше изолирана од звуци и во која испитувањата траеја по 10 часа.
Што ви помогна да ја издржите осаменоста во затворен простор?
Никогаш не сум имала моменти на клаустрофобија. Во изолациската комора ја тестираа психолошката состојба, работата на срцето, спроведуваа мноштво тестови, на пример, острината на видот. На патот тогаш можеше со себе да се земе една книга. Јас со задоволство читав стихови.
Некои мислат дека астронаутите во космосот се оставени сами на себе и дека поради тоа страдаат од осаменост. Всушност тој треба да исполни цела програма. Задолжително треба да се прави фискултура. Секој час се мери притисокот, се дава крв во епрувети – се исполнуваат сите задачи. Освен тоа, требаше до најмал детаљ да се проучи вселенскиот брод, сите уреди и прибори што се наоѓаа во него.
Секој лет е искушение, и секој му носеше на космонаутите нешто ново. <...> Женската космонаутика има големи перспективи. И денес во Центарот за подготовка на космонаути, кои ние го создававме со свои раце, подготвуваат жени за лет во космосот.
Би сакале ли повторно да одлетате во космосот?
Секако. Жал ми е што повеќе не сум во таа возраст. Многу сакав да одлетам на Марс. Со таа планета се занимавав долги години, проучував сè што пишуваа за неа.
Во јуни 1963 година вие под името „Чајка“ 48 часа ја обиколивте Земјата. А, за време на стартот ја кажавте познатата фраза „Еј, небо! Симни ја шапката!“. Го одбележувате ли овој датум?
Ние ја чуваме традицијата што ја започна уште Јуриј Гагарин. Се собираме, се сеќаваме, зборуваме за професијата, за тоа што е ново, интересно. Тоа е средба на професионалци. Ги споделуваме и своите мали земни новости. <...> Имам пријателки Американки, и Французинка, и Англичанка. Сепак нашата професија сплотува и покажува кој си ти всушност. Политиката тука е излишна, функционираат само професионалните вештини на космонаутот.
Откако бевте во космосот, верувате ли во разумен почеток на Вселената? Постои ли живот и на некое друго место?
Засега сите обиди на научниците да најдат некаква разумна форма на животот останаа неуспешни. Но, Вселената е огромна. И, да ja исклучиме можноста дека во неа постојат планети на кои има живот, не можеме. Живите суштества, доколку постојат, се многу далеку. Тие нема да се одзват. Ние постојано испраќаме во космосот податоци, за земјата, за луѓето. Одговор немаме добиено. А, колку децении ја сондираме Вселената...
Целосната верзија на интервјуто излезе на руски јазик во „Росијскаја газета“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче