Грижа за гуските, протони против рак и климатски промени

Сакате да ја проучувате миграцијата на арктичките гуски? Извор: Shutterstock.

Сакате да ја проучувате миграцијата на арктичките гуски? Извор: Shutterstock.

Што се случува со климата, како ефикасно да се бориме против ракот и како да им помогнеме на арктичките гуски? Пред десетина дена во Москва беше одржан научниот форум „Недела на науката“. Стручњаци од разни научни области од Русија и од странство се собраа со цел да ги претставата своите проекти и да дискутираат во врска со нив. „Руска реч на македонски“ за вас ги избра најинтересните меѓу нив.

Арктички гуски 

Пјотр Глазов, научен соработник на Институтот за географија при Руската академија на науките, се занимава со проучување на миграцијата на арктичките гуски. Станува збор за лисестата гуска и за други видови кои летаат од Европа на Арктикот каде го подигаат своето потомство. Целта на истражувањето е да се установи како треба да се управува со популацијата на птиците за да се спречи нивното изумирање. 

Вакви проекти одамна постојат во Европа, но до неодамна научниците немаа ни најмала претстава за тоа што се случува со гуските на територијата на Русија. Научниците од Институтот за географија при РАН за првпат почнаа да фаќаат и да ставаат прстени на птиците на нивниот пат кон Арктикот. 

„Гуските се индикатор на поволната состојба на климатските услови на конкретна територија“, вели Пјотр Глазов. „Тие се ограничени со климатски услови и се движат надвор од снежните територии во потрага по свежа трева. Нивна задача е на Арктикот да стасаат во добра состојба, зашто токму од тоа зависат виталноста и отпорноста на нивното потомство. Во периодот на размножување гуските ги користат резервите масти што ги имаат собрано на патот кон Арктикот“. 

Според Глазов, главен проблем за гуските во Русија се запуштените земјоделски добра. Напуштените полиња и шуми кои се оштетени од ветрот не им одговараат на птиците, зашто тревата на овие места не е добра за исхрана. Освен тоа, жителите доста активно се занимаваат со лов на гуски. Затоа тие често се принудени за одмор да запрат на сосема неочекувани места, меѓу другото, и во индустриски зони. Научниците сметаат дека на територијата на Русија е неопходно да се создаде мрежа на специјално подготвени зони за одмор на гуските за време на нивниот лет кон северот. 

Протонски акцелератор за лекување рак


Баталјонот „Ајдар“ на украинската армија во зоната на судир со проруските доброволци на истокот на земјата.  Извор: ИТАР-ТАСС

Физичкиот институт „Пјотр Николаевич Лебедев“ пред неколку години разработи нов компактен протонскки акцелератор кој се користи за лекување онколошки заболувања. Според создавачот, академик Владимир Балакин, оваа технологија овозможува во поголемиот број болници да се постават мали уреди, така што не мора да се градат нови простории специјално за акцелераторите, како што тоа денес се прави. „Успеавме да ги решиме сите недостатоци на постоечките системи“ тврди Владимир Балакин. „Ја зголемивме прецизноста на зрачењето и ја намаливме цената на уредот“. 

Минатата година неговиот протонски акцелератор го набавила Општата болница на Масачусетскиот технолошки институт во САД. На тендерот учествуваа сите светски производители на овој вид технологија, но победи релативно евтиниот и високоефикасен проект на Балакин. 

Лекувањето со протонско зрачење, според мислењето на научниците, има бројни предности. Гама зраците кои се користат во терапијата со зрачење не делуваат само на туморот, туку на својот пат го уништуваат и здравото ткиво. Зрачењето со протони е помалку штетно. Протонскиот зрак може мошне прецизно, до дел од милиметарот, да се фокусира на саканото место. 

Сесијата на зрачење на пациентот заболен од рак со помош на уредот на Балакин трае 10 минути, односно трипати пократко од другите технологии што денес постојат на пазарот. Во Русија новиот протонски акцелератор од неодамна се користи во болниците во градовите Пушчино и Протвино во Московската област. „Во следниве 10-20 години терапијата на лекување претежно ќе премине на користењето протонски уреди“, смета Владимир Балакин. 

Над северната хемисфера се надвива антициклон


Извор: Shutterstock

„Кон крајот на 21 век просечната температура во Русија ќе биде повисока за седум степени и ќе изнесува +5 степени според Целзиус“, изјави Александар Чернокуљски, научен соработник на лабораторијата за теорија на климата на Институтот за физика на атмосферата „Александар Обухов“ при Руската академија на науките. Според него, пролетта 2014 во целиот свет била најтопла во историјата на метеоролошките набљудувања, заостанувајќи единствено зад 2010 година. Температурата во мај годинава во просек била за 0.74 степени Целзиусови повисока од просечните показатели во 20 век и изнесувала +15.54 степени според Целзиус. Најтопли биле регионите на Средна Азија, североистокот на Сибир и Австралија. 

Површината на дебелиот слој мраз на Арктикот е сè помала. „Ослободувањето на метан ќе го забрза процесот на глобалното затоплување. Кога станува збор за областите на вечен мраз, ја минавме точката од која нема враќање“, вели Чернокуљски. Според него, на научниците неодамна им станаа достапни податоците на руските подморници за катастрофалното намалување на површината на мразот. Некои компјутерски модели, вели Чернокуљски, покажуваат дека до 2040-2050 година на Арктикот воопшто нема да има мраз и погубните климатски промени повеќе нема да може да бидат избегнати. 

Најновите истражувања на лабораторијата во која работи Чернокуљски сведочат за тоа дека на територијата на Европа и во целата северна хемисфера поради промената на климата зачестеноста на екстремните метеоролошки појави, меѓу кои е и силниот статичен антициклон, може да биде сè поголема. Ова ќе предизвика катастрофална суша и екстремни вруќини. На пример, во периодот на антициклон во 2010 година температурата на воздухот во Москва во определени денови надминувала +33 степени Целзиусови.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња