СССР – земјата во која е направена првата успешна промена на полот

Професорот Виктор Калнберз од Латвискиот научно-истражувачки институт за трауматологија и ортопедија, човекот кој ја извршил првата успешна операција за промена на полот во светот. Фотографија: РИА Новости (1978).

Професорот Виктор Калнберз од Латвискиот научно-истражувачки институт за трауматологија и ортопедија, човекот кој ја извршил првата успешна операција за промена на полот во светот. Фотографија: РИА Новости (1978).

Малкумина знаат дека првата успешна операција за промена на полот е изведена во СССР во 1972 година. Претходно хирурзите не се нафаќале на ваква операција, освен кога им помагале на луѓето што се родиле како хермафродити. Одлуката за операција ја донеле медицински стручњаци, психијатари и државното раководство. Мажот кој настанал со оваа операција среќно доживеал 70 години старост и двапати се женел.

Зимата 1968 година во кабинетот на советскиот хирург Виктор Калнберз во Рига влегла атрактивна бринетка. „Знам дека ќе сакате да ме премислите. Не обидувајте се. Сигурна сум: природата по грешка ме има направено жена. Ве молам да го исправите овој пропуст“. 

Во ноември 1972 година пациентката ја напуштила клиниката. Овој пат со ново, машко тело и нови документи. Тоа била првата успешна операција на промена на полот. Не само во Советскиот Сојуз, туку и во светот. Претходните четири операции биле направени на хермафродити. 

Но, наместо да прими честитки, доктор Калнберз за малку не ја изгубил работата и не отишол во затвор. Операцијата за промена на пол не е единствената „интимна“ област во медицината во која академик Калнберз бил пионер. Тој ја измислил единствената за тоа време процедура на вградување протеза за лекување импотенција и на тој начин им помогнал на многумина советски мажи кои имале ваков вид проблем. Но, лекувањето импотенција немало важно место во идеологијата на земјата.

Мене таа [денешната] ситуација ме доведува до ужас – непостоење граници, контрола, кога човек штом ја почувствува привлечноста кон претставник на својот пол веднаш оди кај хирург. А, хирургот за пари е подготвен да прекрои сè. 

Виктор Калнбернз

Виктор Калнбернз вели дека не знае ништо за понатамошниот живот на пациентката и дека не го знае нејзиното ново име. Кога се родила таа била Ина. „Тој многу се плашеше дека може да се дознае за операцијата. Затоа, кога го пуштаа од болница и му ги дадоа документите, го замолив да не ми го кажува своето име, ниту, пак, адресата. Не го знаев дури ни неговиот телефонски број. Единствено што побарав е понекогаш да ми се јавува и да ми раскажува за својата состојба. Последен пат го слушнав пред пет години. Тогаш имаше речиси седумдесет години“, вели хирургот. 

А, кога Ина за првпат го пречекорила прагот на кабинетот на директорот на Латвискиот научно-истражувачки институт за трауматологија и ортопедија Виктор Калнбернз, имала нешто помалку од триесет години. Била талентиран и перспективен инженер, единствена и сакана ќерка во семејството, мошне привлечна жена.

Операција или самоубиство

Од писмото на Ина до Калнбернз: „...Од најраното детство во мене живееше цврсто уверување дека сум момче. Имав чисто машки склоности и тежнеења, кои постепено ме оддалечуваа од луѓето, ме лишија од можноста да имам пријатели и семејство... Кога имав 12 години ја доживеав првата љубов, но кон личност од женски пол. Ова чувство за првпат со сурова реалност ми ја откри сета безнадежност на мојата положба. (...) Јас немам и не можам да имам никаква надеж дека некој еден ден ќе ме ослободи од потребата да живеам под маска, да носам облека која во мене предизвикува одвратност, да се преправам, дури и во кругот на најблиските и на најродните. Сега имам 30 години (...) И дури ако по некое чудо почувствувам привлечност кон маж, за мене е сосема невозможно во четвртата деценија од животот да започнам од темел да го менувам својот живот, да учам чисто женски работи и навики за кои имам само мошне нејасна претстава. Кога би морала и тие работи да ги правам со сила, подобро е да се обесам...“ 

Советскиот маж кој бил создаден од страна на медицината, сиот свој понатамошен живот работел како инженер и се оженил двапати. Трагите од операцијата ги објаснувал со сообраќајна незгода.

„Во тој момент веќе имав оперирано неколку лица кои беа родени како хермафродити и сè поголем углед стекнуваше мојата програма за помош на мажите кои ја имаа изгубено својата потенција како последица на ранување. Во принцип, самата операција од овој вид не беше некаква новина“, објаснува доктор Калнбернз. 

Дамата која бараше операција зад себе имаше три обиди за самоубиство, меѓу другото и поради невозвратена љубов од жена.

Тајната на новиот маж 

Но, поминало многу време пред Ина да стаса на операциската маса. „Сочувствував со Ина, но одлуката за нејзината судбина не зависеше само од мене. Беше повикан конзилиум на кој учествуваа ендокринолози, сексопатолози, гинеколози, психијатари. Сите заклучивме дека во случајов на пациентот не може да му се помогне со традиционални методи. Последниот збор го имаше министерот за здравство на Латвиската ССР. Тој даде дозвола, но, сепак, не потпиша никаков документ“, се сеќава хирургот. 

Тридимензионална биолошка револуција
Нови органи за човечкото тело не само што можат вештачки да бидат одгледани, туку можат и да се состават од клетки како тридимензионална сложувалка. Ова се прави со помош на биопринтер.

Додека траеле советувањата Калнберз се обидувал малку по малку да собере информации за слични операции во други држави. Излегло дека биле изведени само четири такви операции. Последната од нив била во Чехословачка. Но, од медицинска гледна точка ниту една од овие операции не била изведена до крај. Луѓето по овие операции останувале и маж и жена. 

Калнберз раскажува за тоа како се обидувал да ја избегне оваа операција зашто требал да промени нешто што било дадено од природата. 

Советувањата траеле две години. На 17 септември 1970 година Ина за првпат легнала на операциската маса. Промената во маж се изведувала во неколку етапи. Денес микрохирургијата овозможува оваа промена да се изведе со една операција. Според зборовите на стручњакот, било мошне тешко овој експеримент да се задржи во тајност. 

Новиот маж сакал да ја истакне својата машка надворешност, да се однесува како маж, гласот му станал погруб како последица на хормонска терапија. „Носеше панталони, постојано одеше во гаражата каде се дружеше со шоферите од болницата. Сакаше грубо да пцуе, да пуши и да пие во машко друштво“, се сеќава лекарот. 

Мажот кој бил создаден од страна на медицината, сиот свој понатамошен живот работел како инженер и се оженил двапати. Трагите од операцијата ги објаснувал со сообраќајна незгода. 

Самиот лекар, пак, го проверувале најразлични комисии, што можело негативно да се одрази на неговата кариера и на неговиот живот, но добил само строг укор. Овој настан се држеше во тајност цели 20 години. Виктор Калнберз работел до своите осумдесетти години. Таканаречените „интимни“ операции се само една од областите на неговата работа. Учествувал во закрепнувањето на космонаутите, на еден пациент му ја продолжил ногата за 60 сантиметри. Но, во сите прирачници по наведувањето на сите негови звања и награди задолжително се споменуваа оваа прва уникатна операција. 

Хирургот е сигурен дека денес луѓето имаат премногу лекомислен однос кон промената на полот. „Мене таа ситуација ме доведува до ужас – непостоење граници, контрола, кога човек штом ја почувствува привлечноста кон претставник на својот пол веднаш оди кај хирург. А, хирургот за пари е подготвен да го прекрои. Но, постојат и луѓе кои не можат без такви операции. Мислам, на пример, на оние кои страдаат од 'малигна' трансексуалност. За време на својата работа имам изведено пет вакви операции. И сигурен сум дека на тие луѓе операциите им беа од животна важност“, заклучува Калнберз.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња