Игор Митрофанов: Фактот дека водата на Марс е основно хемиско соединение кое содржи водород може да се смета како недвосмислено потврден. На илустрацијата: марсмобилот „Кјуриосити“. Извор: НАСА.
Неодамна во американското списание „Science“ беа објавени дури пет научни труда кои даваат пресек на резултатите од првата година од престојот на американскиот ровер „Кјуриосити“ на Марс. Благодарение на податоците добиени од различни уреди што ги поседува возилото, на планетата се откриени минерали кои дотогаш не биле забележани, направени се проценки на количествата на вода и поблизу се определени слоевите во кои таа се наоѓа.
Роверот е опремен со рускиот уред ДАН („динамичко албедо на неутрони“), кој врши мерења на концентрацијата на водород во почвата на тој начин што го здрачи со силни импулси од неутрони и потоа го мери нивното одбивање. Што пронајде за овој период рускиот уред и каде на соседната планета би требало да се бараат некакви облици на живот, ни откри раководителот на експериментот ДАН и началник на лабораторијата на Институтот за космички истражувања при Руската академија на науките (ИКИ РАН), доктор по физико-математички науки Игор Митрофанов.
Господине Митрофанов, кажете ни нешто повеќе за првите резултати од работата на Вашиот уред.
Методот на неутронско сондирање на почвата, кој за првпат се користи во експериментот ДАН на друго небесно тело, во целост ги исполни нашите очекувања. Спроведовме околу 200 мерења на составот на почвата долж патот по кој се движеше „Кјуриосити“ и добивме податоци кои укажуваат на променливата содржина на вода и на хлор на почвата на Марс до длабочина од околу 60 сантиметри. Излезе дека во Гејловиот кратер има релативно малку вода – просекот на нејзиниот удел во масата е 2-3% и тоа главно во слоевите на почвата кои се подлабоки од 10-20 сантиметри. Во површинските слоеви вода има уште помалку, сè на сè 1-1.5%. Концентрацијата на хлор исто така варира од место до место са удел во масата помеѓу 0.& и 1.5%. Ваквата почва најмногу потсетува на пустините на планетата Земја.
Дали ДАН ги исполни очекувањата на своите креатори?
Не само што ги исполни, ами и ги надмина. Во август годинава истече предвидениот период на експлоатација на неутронскиот генератор, но тој и понатаму работи како и досега, што би се рекло „преку нормата“. Во просек вршиме по едно мерење за еден марсовски ден и тоа трае околу 15 минути. Мерењата прекинуваат кога роверот запира.
„
Прашањето е само каде се наоѓа таа (водата), во колкави количества е присутна, како настанала – токму тоа се прашањата кои најмногу нè интересираат сега, следејќи ја логиката дека „животот е поврзан со водата“, трагаме по примитивни облици на живот на Марс.
Врз основа на нашите набљудувања од орбитата со посредство на еден друг наш уред HEND („high energy neutron detector“ од проектот „2001 Mars Odyssey“), очекувавме во Гејловиот кратер да има многу повеќе вода, односно нејзиниот удел во масата да биде 5-7%. Би можело да се каже дека најголемиот дел од водата во почвата се наоѓа на длабочина поголема од 60 сантиметри (до оваа длабочина досегнува ДАН), односно на длабочина од околу еден метар (тоа е длабочината до која сондирање врши HEND). Овој заклучок е мошне интересен – ова значи дека најголемиот дел од водата во Гејловиот кратер е на длабочина од еден метар и повеќе. Сега ја проверуваме оваа претпоставка со споредбена анализа на податоците добиени со мерења од страна на два наши уреда.
ДАН не ја мери содржината на вода, туку концентрацијата на водород. Може ли да се разликува водородот во составот на водата од оној кој е во врзана состојба во составот на минералите?
Со помош на нуклеарно-физички методи можат да се регистрираат јадрата на елементите, но е невозможно да се определи во какво хемиско соединение се наоѓа тој елемент. За таа намена мора да се применат методи на аналитичката хемија. Според тоа, нашите податоци овозможуваат само конкретна проценка на содржината на водородот во материјата. А, тоа дали тој се наоѓа во состав на водата, се утврдува врз основа на податоците добиени со мерења од други уреди.
Извештајот за работата на роверот „Кјуриосити“ во западната јавност изобилува со сензационални изјави за тоа дека е пронајдена токму вода. Дали ваквите тврдења се малку произволни?
Не, не се. Фактот дека водата на Марс е основно хемиско соединение кое содржи водород може да се смета како недвосмислено потврден.
Прашањето е само каде се наоѓа таа, во колкави количества е присутна, како настанала – токму тоа се прашањата кои најмногу нè интересираат сега, следејќи ја логиката дека „животот е поврзан со водата“, трагаме по примитивни облици на живот на Марс.
Како што покажува ДАН, засега сè е во предвидените рамки – вода има малку помалку одошто очекувавме, но не е тоа толку малку за значително да повлијае врз нашата досегашна слика. Особено ако имаме предвид дека роверот сè уште се наоѓа на задача и дека уредите и понатаму работат – би било подобро да почекаме и да видиме какви изненадувања допрва нè очекуваат.
Рускиот текст на сајтот на „Газета.Ru“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче