Новитетите од јубилејната авиоизложба МАКС

Фотографија: Photoshot / Vostock-Photo.

Фотографија: Photoshot / Vostock-Photo.

Од 27 август до 1 септември во градот Жуковски во близина на Москва се одржува Меѓународната авиоизложба МАКС-2013, една од најголемите изложби на авионска и космичка опрема во светот. Годинешнава изложба има рекорден број учесници – над илјада компании од 43 држави.

Годинава МАКС го прославува својот јубилеј. Првата меѓународна изложба беше организирана уште во 1993 година. За своите 20 години постоење МАКС стана најголемата манифестација на која се демонстрираат руските високи технологии, а добро се покажа и како форум за пронаоѓање нови деловни партнери. 

Како и секоја година, генерален партнер на авиосалонот е државната корпорација Ростех во која влегуваат поголем број од најкрупните руски претпријатија од авионската и од космичката индустрија. Ростех е во голема мера заслужен што оваа изложба денес зазема посебно место меѓу најголемите авиоизложби во светот. Оваа година свои иновациски проекти на МАКС ќе презентираат десет од вкупно тринаесетте холдинзи што влегуваат во состав на корпорацијата.

Холдингот „Хеликоптери на Русија“ го зазема првото место во светот по продажба на борбени ударни хеликоптери. Според статистиката, секој шести хеликоптер во светот е произведен од некоја фабрика на „Хеликоптери на Русија“. 

Меѓу експонатите ќе бидат претставени најнапредните технологии во областа на пилотирањето и на навигацијата на патничкиот авион МС-21, како и уникатниот инструмент за ловецот од петтата генерација ПАК ФА (Т-50). 

Макс не се сведува на деловни средби и на потпишување договори. Многу посетители доаѓаат во Жуковски за аеромитингот кој се вбројува меѓу најатрактивните во светот. Оваа година на него учество ќе земат 82 руски летала и над 20 летала од странство. 

Своите вештини ќе ги продемонстрираат познатите акробатски пилотски групи „Рус“, „Соколи на Русија“, „Стрижи“, „Руски витези“ и „Беркути’. Атрактивна ќе биде и презентацијата на холдингот „Хеликоптери на Русија’, во која за првпат ќе биде демонстриран лет на транспортниот хеликоптер Ка-62. 

Концернот „Радиоелектронски технологии“ (КРЕТ), кој произведува опрема за воени и за цивилни авиони, оваа година за првпат ќе ја претстави својата експозиција во одделен павилјон на површина од 1.500 квадратни метри.

Гостите ќе имаат можност да уживаат и во настапите на екипажите од странство Оваа година во Русија за првпат ќе дојде група пилоти од кинеското воено воздухопловство „1 август“, кој лета со млазни ловечки авиони од кинеско производство. За првпат на МАКС ќе учествува и групата „Breitling Jet Team“, најголемата екипа цивилни акробатски пилоти во Европа. Военото воздухопловство на Франција, традиционален учесник на аеромитингот, ќе ја прикаже летната програма на ловечки авиони „Рафал“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња