Како да се подели сириското небо?

Валериј Шаруфулин / ТАСС
Американските пилоти се жалат дека руските пилоти ги загрозуваат нивните акции во Сирија зашто вршат опасни маневри во близина на авионите на НАТО, не реагираат на обраќањето по радиоврска и ги принудуваат Американците да се тргнат настрана за да се избегне судир во воздух. Според експертите, руските пилоти често не зборуваат англиски, а ваквите инциденти би можеле да се избегнат доколку Пентагон би одлучил нормално да соработува со Министерството за одбрана на РФ.

Руските пилоти ја загрозуваат американската авијација во Сирија, изјави командирот на 380 експедициско крило на военото воздухопловство на САД, бригадниот генерал Чарлс Коркоран во интервју за „Вол стрит џурнал“.

„Руските пилоти ретко вербално реагираат или воопшто не реагираат на барањето да се идентификуваат. И насоката на летање тие ја менуваат ретко или воопшто не ја менуваат. Ние сме тие што се тргаме настрана. Не знаеме што гледаат или што не гледаат тие, и не сакаме да налетаат на некој од нас“ вели американскиот офицер (цитатот го дава агенцијата ТАСС, оригиналот може да се види во материјалот на „Вол стрит џурнал“.

Инциденти во воздухот

Случаите што ги опишува Коркоран во интервју за „Вол стрит џурнал“ се случиле кон средината на минатата година.

Според него, еднаш ноќе за малку не се судриле руски и американски ловец на сириското небо. Екипажот на рускиот Су-35 не реагирал на сигналите на авионот на НАТО упатени на брановата должина која е резервирана за итни соопштенија и која ја користат сите пилоти на светот во вонредни ситуации.

По некакво чудо авионите избегнале судир, а рускиот ловецот му пролетал на Американецот „пред нос“, предизвикувајќи турбуленции и пореметувања во работата на микроелектрониката на американскиот авион.

Според генералот Коркоран, само еднаш руските пилоти го прекинале молкот во воздух, и тоа кога со нив се обидела да контактира девојка од контролата за летање на американската воздухопловна база.

Руските пилоти по извесна пауза одговориле на лош англиски јазик со изразен руски акцент: „Имате убав глас, лејди. Добра вечер“.

Како што за „Руска реч на македонски“ вели полковникот во резерва и воен експерт на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин, пилотите на тактичката авијација во Русија не зборуваат англиски и не разбираат најдобро што им велат Американците кога тие се обидуваат да контактираат со нив во воздух. Ова прашање би можело да се реши со нормална и сеопфатна соработка на раководството на Министерство за одбрана на РФ и Пентагон во војната против терористите во Сирија и на северот од Ирак.

„Командите би можеле да ги координираат дејствијата и јасно да им постават задачи на пилотите на секој поединечен фронт во борбата против терористите“, нагласува експертот.

Како да се избегнат инциденти?

Потсетуваме дека страните на 20 октомври 2015 година потпишаа меморандум за спречување инциденти во текот на борбените летови во Сирија.

„Во согласност со договорот од 2015 година, страните ги поделија зоните на борбени дејствија и се договорија да разменуваат податоци за местата на спроведување на операции на тактичките авијации“, вели за „Руска реч на македонски“ Иван Коновалов, началник на секторот за воена политика и економија при Рускиот институт за стратешки истражувања (РИСИ).

Како што пишува „Вол Стрит џурнал“, врз основа на овој договор американските пилоти формулирале правило од три точки:

- да се држи дистанца од три наутички милји (околу 5.5 километри) од руските авиони;

- да се наоѓаат најмалку еден километар над или под рускиот авион;

- доколку авионот е поблиску од наведените растојанија, самостојно да се оддалечат на пропишаната дистанца.

За потребите за контакт со руската авијација и за спречување на инциденти Американците ангажираа офицер од воздухопловната база во Катар кој зборува руски.

Ова за „Руска реч на македонски“ го потврди и Павел Золотарјов, пензиониран генерал-мајор и заменик-директор на Институтот за проучување на САД и Канада при Руската академија на науките. Но, според него, овие преговори не се водат во непрекинат режим.

„Ние немаме непрекинати врски со Американците. Ова предизвика трагедија во септември 2016 година кога во напад на американски бомбардер на Деир ел Зор беа убиени околу 60 припадници на сириската национална армија. Тогаш не можевме да стапиме во телефонска врска со американските партнери, зашто тој човек едноставно не беше на своето место“, додава Коновалов.

Тој истакнува дека поради ваквите околности сите мировни напори на поранешниот државен секретар на САД Џон Кери и на министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров беа анулирани за миг, а нашата соработка со Американците во Сирија беше прекината.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња