Тајната агенда на Путин во Сирија

Алексеј Јорш
Одлуката на Путин за повлекување на руските војници од Сирија не само што предизвика воодушевување меѓу земјите од Западот, го зголеми и бројот на конспиративни теории за причините за овој потег.

Всушност нема причина за особено воодушевување - Путин оди до крај само во ситуации во кои на картата е ставена во прашање безбедноста на Русија или неговата лична состојба како лидер. Во отсуство на такви критични интереси рускиот претседател релативно лесно „излегува од процесот“. Покрај тоа, тој секогаш „удира прв“, како што повеќе пати има изјавено, но и секогаш „излегува од борбата прв“, ако тоа е подобро и без загуби. Тоа е основниот принцип на руското „политичко џудо“ што се практикува веќе подолго време.

Во одреден степен во оценките за изгледите на руската операција во Сирија Западот падна во својата „стапица на недовербата кон Москва“. Од самиот почеток Кремљ истакнуваше дека мисијата на руските воено-космички сили во Сирија е со ограничен карактер, како и дека нема планови за надземна операција. Западот сепак продолжи да се сомнева дека Москва има некаква скриена „агенда“.

Москва соопшти дека ќе ја поддржува операцијата, додека сириската армија води борба против терористите, но во тој момент армијата на Ал Асад почна да имитира „опсада на Палмира“, а всушност се концентрираше на деловите околу Алепо, Русија одлучи да стави крај на операцијата. Москва многу јасно му покажа на Ал Асад дека ја поддржува токму неговата борба со „Исламската држава“ и со останатите терористички организации, но не и неговите обиди да го користи рускиот воен потенцијал, за да ги реши проблемите околу политичкото преживување.

Се разбира, одлуката на Москва да стави точка на операциите има и втор план и колку и да звучи чудно, тој е прилично „транспарентен“.

Делумно одлуката на Кремљ е поврзано со зголемувањето на несогласувањата помеѓу Русија и Иран за широк спектар прашања, вклучувајќи ја и соработката во нафтениот сектор. Москва сепак никогаш не криела дека сака да дејствува во Сирија во составот на широка антитерористичка коалиција и ја гледа како дел од „големата слика“. Во моментот кога Иран престана да го пројавува претходното ниво на соработка и желба да продолжи да дејствува активно во Сирија, еден од најважните услови за продолжување на руската операција едноставно исчезна. На негово место дојдоа ризиците кои Кремљ со право претпочита да ги елиминира во најраната фаза на развојот.

Уште поочигледен е стремежот на Москва да го истресе од рацете пропагандистичкиот тандем Меркел-Ердоган, кој го поврзува проблемот на миграцијата во Европа со руските дејства во Сирија. Маневрата на Кремљ ја сведе оваа пропагандистичка кампања, која всушност го иритира Владимир Путин, на нула, особено имајќи предвид дека бегалците веројатно нема да се намалат. Со оглед на веќе двегодишната политичка конфронтација со Европа и континуираното продолжување на санкциите, стремежот да се користат погрешни пресметки на европските политичари е апсолутно логичен.

Ограничениот прагматизам, па дури и во одреден степен цинизам на политиката на современа Русија е апсолутна спротивност на идеолошкото и пропагандистичкото месианство на Западот. И во дозволениот прагматизам Кремљ денес, колку и да е чудно, е искрен и отворен за интеракција.

Сега, откако Русија си замина од полето на реалната политика во Сирија, за Западот и најмногу за САД настанува нов предизвик: дали Вашингтон ќе успее самостојно да се справи со создадената атмосфера и да демонстрира решителност во практичната политика? САД веќе се сами во решавањето на политичките и воено-политички проблеми во регионот - и тоа не само со Башар Ал Асад, ами и со Ердоган, кој станува неконтролиран.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња