Извор: AFP / East News
Според заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков, кој го цитира „Росијскаја газета“, „делегациите имаа различни погледи во однос на проблемот за санкциите. Последователноста и форматот на донесувањето одлука која се однесува на олеснувањето на санкцискиот режим и тежината за Иран, се едно од клучните прашања“.
Вториот проблем што не можеа да го решат страните е обезбедувањето на транспарентност на иранската нуклеарна програма и контрола врз нејзината реализација од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија. Иран не се брза да ѝ ги открие на Меѓународната агенција за атомска енергија своите нуклеарни тајни: целосната соработка со оваа организација, според мислењето на иранските власти, ќе биде дел од една поопшта спогодба со Западот.
![]() |
Москва и Техеран ќе си помагаат Министрите за надворешни работи дискутираа за економијата, санкциите и за Блискиот Исток. |
Во руското МНР исто така забележуваат дека постојат и чисто политички причини, според кои преговорите се одолговлекуваат. Земјите од Западот не му веруваат на Иран, а тој, пак, од своја страна, не му верува на Западот. Во потрага по компромис, дипломатите во спогодбата за иранската нуклеарна програма ставија и формулација која секоја од страните потоа ќе може да си ја толкува во своја полза, а тоа значи и да се откаже од исполнување, повикувајќи се на која било двосмислена точка од потпишаниот документ.
Руски дипломатски извор за весникот „Комерсант“ појасни дека во Москва не се драматизира фактот за одложување на преговорите. „Секако, ние се стремиме да се придржуваме на роковите, но не се фаќаме за датуми, - вели тој. – Нам ни е поважно да дојдеме до квалитетен договор. Засега постојат неколку нерешени моменти, кои треба да се испеглаат“.
Според друг извор на „Комерсант“ во МНР на РФ, главна причина за несогласувањата се две прашања: за редоследот на симнувањето на санкциите (Техеран бара нивно моментално укинување, додека западните преговарачи се придржуваат кон етапен приод) и за количеството центрифуги кои ќе му бидат дозволени на Иран. „И Иран, и САД претходно јавно ги изнесоа своите барања во врска со двете прашања, што го намали нивниот простор за маневрирање, - вели изворот. – Русија беше подготвена да помогне во регулирањето на прашањето со центрифугите на креативен начин (предлагајќи дел од иранскиот уран да биде однесен на нејзина територија за преработка – заб. ред.), но во оваа етапа тоа не беше единствениот спорен момент“. Според дипломатот, освен санкциите и центрифугите, несогласувања постојат и за препрофилирање на тешкиот реактор во Арака, а исто така и роковите на целата спогодба.
Договорот им е потребен на сите, прашањето е во цената
Јуриј Фјодоров, член на советот на ПИР-Центарот, во интервју за „Руска реч на македонски“ забележа дела причините за отежнатите преговори на Иран со шестката не се технички, туку политички. „Прашањето за тоа колку илјади центрифуги ќе останат во Иран ги интересира само потесен круг специјалисти, кои живеат од пресметките за тоа колку недели му се потребни на Иран за да произведе нуклеарно оружје по излегувањето од идната спогодба, – смета експертот. – Политичарите ги интересира нешто друго: ќе посака ли Иран да создаде нуклеарно оружје; против кого ќе биде тоа насочено; какви ќе бидат последиците од неговата примена. Но, најважно прашање е дали е можно да се спречи нуклеарното вооружување на Иран со зачувување на моменталната состојба. Одговорот е очигледен – не, тоа е невозможно. Колку подолго траат санкциите, толку е поголема заинтересираноста на Техеран за приближување до нуклеарното оружје, меѓу другото и за тоа да може поскапо да го продаде откажувањето од него“.
Фјодоров ја изрази својата увереност дека преговорите ќе бидат обновени. „За тоа постојат неколку причини. Главната е тоа што разрешувањето на иранската нуклеарна криза одговара на стратешките интереси како на Западот, така и на Иран. На Западот му е потребен Иран како противтежа на Саудиска Арабија и на другите сунитски држави од Заливот, кои се склони кон поддршка на исламските фундаменталистички движења; како сила која во најголем степен е заинтересирана за ликвидација на ИДИЛ; како дополнителен извор на нафта и на гас која ја намалува енергетската зависност на Европа од Русија. За Иран е важно симнувањето на санкциите. Освен тоа, Техеран не може да не биде заинтересиран за подобрување на својата стратешка положба: денес тој не стои само наспроти Западот, туку и наспроти сунитските монархии од Заливот и наспроти Турција“.
Сепак, не треба да се надеваме на скоро разрешување на ситуацијата, со оглед на тоа што и во Вашингтон и во Техеран се загрижени за можните внатрешни трошоци. „Компромисното решение на нуклеарниот проблем може да се искористи од страна на политичките противници за обвинување на моменталното раководство на двете земји во попустливост и предавање на националните интереси, - појасни Фјодоров. – На крајот, преговорите ќе продолжат, никој нема да ризикува да ги прекине, со оглед на тоа дека цената на неуспехот е многу голема, но не треба ни да се очекува потпишување на спогодба во наредниве месеци“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче