Сноуден ќе остане во Русија уште 3 години

Извор: AP

Извор: AP

Пребеганиот американски разузнавач ќе остане во Русија. Тој работи според својата струка, учи руски и му недостасуваат неговите блиски од Америка. Тој, како и претходно, е во опасност и го обезбедува приватна агенција.

Едвард Сноуден доби престој во РФ, соопшти адвокатот Анатолиј Кучерна, кој ги претставува неговите интереси. Рокот за привремени азил за Сноуден, кој е поранешен соработник на американските разузнавачки служби, истече на 1 август, а документите за негово продолжување беа предадени претходно. 

Кучерна забележа дека Сноуден може да претендира на руско државјанство во иднина. „Тој, исто така, може слободно да се движи низ земјата и да оди во странство, но за период кој не е подолг од 3 месеци, со оглед на тоа дека, според законот, прекршувањето на овој рок може да значи анулирање на престојот“, изјави Кучерна. 

Адвокатот појасни дека тој му помогнал на Сноуден при процедурата за добивање престој. „Тоа беше моја иницијатива, со оглед на тоа дека привремениот азил треба да се продолжува секоја година“, објасни Кучерна. 

Тој подвлече дека воопшто не станало збор за политички азил. „Станува збор за привремен престој на територијата на РФ“, додаде адвокатот.

Кучерна вети дека Едвард Сноуден ќе се сретне со претставниците на медиумите веднаш штом ќе има можност. „Кога ќе постои можност, тој ќе може да се сретне со вас“, рече тој. „Не би сакал да зборувам во негово име или за него. Тој одговара на прашањата што ги добива на Интернет“, забележа Кучерна, ветувајќи дека „доколу има прашања, тој (Сноуден) ќе се обиде да одговори на нив“. 

Можна ли е екстрадиција? 

Екстрадицијата на Едвард Сноуден во САД е невозможна. „Според законите што се на сила во Русија, не постои можност за екстрадиција. Тој нема направено никакви злосторства. Во РФ против него нема покренато никакви обвиненија. Исто така не постојат никакви официјални барања за екстрадиција, а не ни може да има. За да биде обвинет потребни се докази“, изјави Кучерна. 

Адвокатот забележа дека против Сноуден се одвива „силна американска пропаганда“. „Тој е најбараниот човек во светот“, додаде тој. Кучерна подвлече дека прашањето за безбедност на Сноуден е најважен. 

Официјално барање за предавање на Сноуден од САД нема пристигнато, соопшти Анатолиј Кучерна. 

„Барање, кое би било во согласност со сите меѓународни правни акти, не постои“, рече тој, одговарајќи на прашање на ИТАР-ТАСС. Кучерна потсети дека постои писмо од генералното обвинителство на САД до Министерството за правда на РФ со „разубавен“ опис и со уверување дека „врз него нема да биде применета смртна казна“. 

Како живее Сноуден во Русија 

Во Русија овој Американец живее скромно и учи руски, раскажува неговиот адвокат. „Тој сам носи одлуки за тоа каде ќе оди и како ќе оди. Тој слободно се движи, посетува музеи, продавници, театри. Тоа не е тајна“, раскажува Кучерна. Според него, Сноуден активно го учи рускиот јазик. 

„Тој живее сосема скромно, зашто треба да мисли на својата безбедност“, објасни Кучерна. 

Едвард Сноуден во Русија го обезбедува приватна агенција. „Тој нема државно обезбедување и не може ни да има. За да се добие државно обезбедување постојат многу бирократски процедури. Во моментов го обезбедува приватна агенција за обезбедување“, изјави Кучерна. 

Според адвокатот, Сноуден „работи во рамките на професијата што ја има“ и се занимава, меѓу другото, и со компјутерски технологии. Кучерна изјави дека со него го разгледувал работењето во областа на човековите права. „Во оваа ситуација нему му се допаѓа она што го работи“, рече Кучерна. Според него, Сноуден има соодветна плата. „Кога станува збор за другите можности, знаете дека постои фонд во кој стигнуваат пари од приватни лица и од невладини организации“, забележа Кучерна. 

Тој, исто така, изјави дека на Сноуден „му недостасува семејството, дека се наоѓа далеку од својата татковина и дека за него, особено на почетокот, тоа било доста сложено“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.