Перестројка: До каде стаса процесот?

Карикатура: Нијаз Карим

Карикатура: Нијаз Карим

Пред триесет години, во 1985 година, за нов генерален секретар на ЦК КПСС едногласно беше избран Михаил Горбачов. Тогаш никој не можеше да претпостави какви радикални промени ја чекаат земјата во блиска иднина.

Перестројката стана единствен феномен, како и „новото политичко мислење“. Дискусиите на оваа тема никогаш нема да доведат до конечна дефиниција за тоа што се случило и поради што се случило. Последиците се премногу крупни и очигледно не биле предвидени. Сега во контекст на акутен конфликт помеѓу Москва и Западот во врска со Украина сериозно е доведено во прашање и најважното достигнување на споменатиот процес – завршување на Студената војна и излегување од системската конфронтација. 

„Новото мислење“ беше толку идеалистичко што мнозинството набљудувачи долго не можеше да поверува во неговата сериозност. Може да се дискутира за степенот на професионализмот на раководството, за влијанието на економската криза и за околностите, но главниот момент останува непроменлив. Имено, Кремљ навистина веруваше дека со ориентација кон општочовечките вредности и со превентивна демонстрација на добра волја може не само да ја прекине конфронтацијата и да го отфрли идеолошкиот јарем, туку дека може да се постигне и договор за изградба на поинаков свет, рамноправен и праведен. 

Политичкото клатно се ниша, а колку повеќе оди на едната страна, потоа побргу се движи кон другата. Атмосферата во денешна Русија е антипод на онаа што доминираше во СССР во времето на Перестројката. Идеализмот му го отстапи своето место на целосниот реализам кој понекогаш ги поприма своите крајни облици. На овој реализам му е својствено неверувањето во кој било инструмент или механизам, освен сопствената сила. Не станува збор само за отсуство на довербата во западните партнери, туку и одбивање во нивните потези да се видат какви било мотиви освен непријателски и користољубиви. 

Михаил Горбачов: Јас сум против какви било ѕидови
Ова ексклузивно интервју Михаил Горбачов го даде за „Руска реч на македонски“ и за „Росијскаја газета“ кратко пред 9 ноември кога пред 25 години падна Берлинскиот ѕид. А, токму сега се крева нов ѕид: меѓу Истокот и Западот.

Ова не е воопшто невообичаено. Перестројката не беше завршена онака како што очекуваа нејзините автори, а содржината на следниот период во Русија беше исполнет со обиди крахот на една државност да се надмине и да се изгради друга државност. Добитници беа противниците на Советскиот Сојуз. Бесмислено е да се негодува поради тоа што тие се трудеа да извлечат максимална корист. Кој на нивно место би постапил поинаку? Доколку СССР победеше во Студената војна, тешко дека тој ќе се двоумеше дали треба Холандија или Португалија да се приклучат на Варшавскиот пакт. Уште почудно би било да се очекува дека Руската власт по таквото искуство и понатаму негува илузии дека оној што има моќ сака самиот себеси да се ограничи. И да се верува во слатките приказни за тоа дека повеќе не постои никаква „игра со нултата сума“ (кога загубата што ја доживува еден учесник на друг автоматски му носи добивка – заб. прев.). Да не зборуваме за тоа колку во споменатата смисла се поучни „хуманитарни интервенции“... Плодот на сиве овие настани е дека Русија денес е повнимателна кон опкружувањето, за разлика од Советскиот Сојуз пред перестројката. 

Оддалечувањето од идеалистичкото толкување на светот може да се објасни. Загрижува тоа што „хиперреализмот“ на изневерените очекувања генерира шематизација и крајно уништување. Незадоволството од резултатот ја принудува националната свест Перестројката и нејзините последици да не ги согледува како регуларна фаза во развојот на државата, условена со логиката на претходните настани, туку како некаква аберација која речиси е уфрлена однадвор. 

На човека му е својствено да го идеализира минатото, особено кога сегашноста не е многу убава, а иднината е покриена со магла. На руското општество му недостасува рефлексија која нема ништо заедничко ниту со утешното „гланцање“ на изминатиот пат, ниту со неговото мазохистичко нагрдување. Потрагата по нов национални идентитет засега води во ситуација кога се прават обиди историјата, особено скорешната, да се прилагоди на потребите на „историскиот оптимизам“, односно да се избегне објективно осмислување на нејзините трагични или повеќедимензионални и контроверзни страници. 

Перестројката имаше драматичен крај. Оваа драма, меѓутоа, заслужува да не се оценува само во геополитичка или во социјално-економска смисла, туку и како момент на порив на целото општество, толку важен за нашата земја, и како тежнеење за обновување и за прочистување. Без разлика какви грешки се направени, и без разлика што некој ги искористил овие грешки за свои интереси, улогата на слични епизоди во историјата е непроценлива. Перестројката покажа каде води презаситеноста од идеализмот и од вербата во најсветлата иднина. Сега, судејќи според сè, се приближуваме кон друга свест. Сега стануваме свесни дека стабилната конкуренција не може да се изгради ниту само на темелите на прагматизмот и недовербата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.