Карикатура: Татјана Перелигина
Високиот културно-интелектуален потенцијал на европската цивилизација не успеал да ја спречи ни Втората светска војна, за која една од главните причини беше ксенофобичната теорија за расна надмоќ која ги обзеде умовите на значително развиените нации во Европа. Од втората светска војна веднаш се роди „студената“ војна. Пред четвртина век отпаднаа идеолошките основи за нејзино продолжение, блокот на социјалистичките земји се самораспушти, се распадна Советскиот Сојуз. Меѓутоа овој пример не го следеа поранешните противници на тој блок кои не само што ги зачуваа, туку и ги зајакнаа и проширија своите воено-политички инфраструктури. Со самото тоа се зачуваа предусловите за обнова на поделбите и несогласувањата на евроазискиот континент, што и стана неизбежно во настаните во последните децении, од војната во поранешна Југославија до сегашниот украински конфликт.
Во однос на мултинационалниот и мултикултурен Советски Сојуз во времето на „студената војна“ Запад применуваше политика на воздржаност. Но Советскиот Сојуз повеќе го нема. Нема основа ни за продолжување на студената војна. Сепак друга, вредносно нова политика на Западот во однос на земјата-наследничка на СССР, односно спрема современа Русија, не се појави.
Поинаква би можела да биде политиката на вовлекување. Но Запад не издржа пред искушението да ги искористи плодовите на „победата“ во студената војна. Имагинарната победа, треба да се каже, зашто завршетокот на студената војна беше подеднакво и постигнување и резултат на напорите на сите нејзини учесници. Вака-така, се фатија за ситница – да го поделат светот на „наши“ и „ваши“. Да ја стават секоја држава пред лажен избор – „со нас сте или против нас?“ Отпрвин тоа беа Полска или Бугарија, потоа Грузија или Молдавија, сега е Украина, потоа, да речеме, Белорусија и Казахстан...
А Русија? Има ли Западот „руска“ стратегија? Точно стратегија? По која ќе следуваат европска стратегија, евроазиска стратегија, светска стратегија? Нема, не постои. И не постоела. Зашто кога би постоела таква стратегија, ние, како во свое време Франција и Германија, кога ја создаваа денешната Европска Унија, цело време ќе бевме концентрирани врз тоа што веќе нè обединува, а не врз тоа што нас сè уште нè дели. Но, целото искуство од двете последни децении покажува дека кога станува збор за политиката во однос на Русија, тогаш акцентот се става на разликите, а не на обединувачките моменти.
Нарекувајќи ги работите со свои имиња, мора да се признае дека Запад ризикува да ја загуби Русија, здобивајќи се со „нови сојузници“ на периферијата на нејзините граници. И тоа е најважната геополитичка грешка во процените на Западот. Зашто со Русија ништо страшно нема да се случи. Но нема да има сојузнички односи, нема да има соработка на глобално ниво.
Сè додека не сме заедно, нема да има победа над тероризмот.
Нема да има победа над заканата од трговијата со дрога.
Нема да има решение за енергетскиот проблем.
Нема да има решение за проблемот со ресурсите.
Нема да има решение на проблемот со водата за пиење.
Нема да има решение за проблемот на стабилен развој.
На Запад ситуацијата во Украина се обидуваат да ја претстават како последица од империјалистичките стремежи на Русија, кои се закана за соседите. Меѓутоа ваква примитивизација на кризата во ниедна мера не помага во барањето начин за излез од неа.
Вистинските причини за трагичните настани во Украина се состојат, пред сè, во обидот да се претстави внатрешниот конфликт во таа земја како последица од некои вредносни несогласувања меѓу народите, зад која почнува да се наѕира новата поделба на нациите на „исправни“ (способни да усвојат некои вредности) и „неисправни“. Фактички, во основата на конфликтите кои се трудат да ги претстават како меѓуцивилизациски, најчесто од сè лежат економски и социјални проблеми. Тие се поврзани со континуираните опаѓања на животниот стандард, на националниот развој, во поделбата на богатствата и во насочувањето на глобалните ресурсни текови.
Во случајот со Украина сите тие проблеми ги продлабочи стремежот на националистите да ги игнорираат историските, националните и културните традиции на сопствената земја, да ја поделат на „наша“ и „туѓа“, а потоа да ја претворат во земја само за Украинци. Неизбежните последици од таквата политика варираат од физичка реперкусија над граѓаните кои не се согласни со таквиот курс, до граѓанска војна од полн размер, при што тоа стана можно, пред сè, поради безрезервната поддршка која украинските националисти ја добиваат однадвор.
Рускиот пример, напротив, уверува дека коегзистенцијата на различни раси, култури и религии во рамките на една држава во текот на вековите е возможна. Воопшто, историјата на Русија е историја на дијалогот на цивилизациите. Тој не секогаш одвивал идеално. Меѓутоа нашата земја умеела да наоѓа модели за коегзистенција во име на општото добро, што го прави нејзиното искуство уникатно и достојно за проучување. Веројатно токму поради своите цивилизациски особености Русија никогаш не била колонијална држава, туку напротив, дала значителен придонес во рушењето на системот на колонијализам во светот.
Русија е, како и обично, подготвена да го даде својот дел во развојот на дијалогот на цивилизациите затоа што не гледа алтернативи на него. Поточно, затоа што гледа како сценаријата што се предлагаа во својство на алтернативи – особено механизмите на монополарното лидерство – пред наши очи ја покажуваа својата безизлезност, па дури и опасност. Човештвото со напор, но сепак стапува во нова епоха, во епоха на практична мултиполарност. Време е да се подготвуваме за неа, а не да се фаќаме за формули од минатото.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче