На Алексеј Наваљни одреден 15-дневен притвор по масовните протести

Судот го притвори опозиционерот на 15 дена поради противење на полицијата. Кремљ исто така го обвини политичарот за поткуп на малолетници, „провокација“ и „лага“.

На опозиционерот Алексеј Наваљни, кој ги организираше масовните антикорупциски протести на 26 март, судот му одреди 15-дневен притвор поради пружање отпор на полицијата. Политичарот исто така е казнет со 20 илјади рубли (околу 350 американски долари) за организирање на несанкционирана акција во центарот на Москва на која присуствуваа според процените на МВР околу 7-8 илјади лица и не помалку од 150 илјади лица ширум Русија, според РБК

Судењето се одржа еден ден откако Наваљни беше приведен во текот на незаконскиот марш на улицата „Тверскаја“. Политичарот успеа да присуствува на настанот неколку минути, по што беше приведен со полициско возило. Демонстрантите го опкружија и блокираа автобусот со опозиционерот. Според зборовите на очевидците, потоа припадниците на ОМОН примениле сила за растерување на оние кои митингуваа.

Во понеделникот, 27 март, Кремљ ги коментираше протестите, нарекувајќи ги „провокација“. Портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков исто така изрази увереност дека организаторите на акцијата им ветувале на малолетници „некакви награди, повикувајќи ги да земат учество во непријавената акција на непријавено место“. На тие учесници „претходно сосем детално и на академски јазик им објасниле дека акцијата е законска и не противречи на законодавството“, но тоа е „чиста лага“, изјави Песков. На прашањето на новинарите каква реакција треба да се очекува од Кремљ за одржаните протести во земјата, портпаролот на Владимир Путин изјави: „Тоа (беше) забранета акција и токму така треба да се третира“.

Пред одржувањето на акцијата Алексеј Наваљни им гарантираше правна поддршка на сите кои ќе бидат приведени на митинзите на 26 март, ветувајќи дека секој случај ќе го донесе до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). „Ако ве приведат, уште и пари ќе заработите. Вие веќе знаете, сите мои приведувања ги донесов до ЕСЧП. И сега владата ми плаќа за сѐ мошне големи суми“, пишуваше политичарот на својот сајт.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња