Столтенберг: никој не ветил дека НАТО нема да се проширува

Генералниот секретар на НАТО категорично не се согласува да се откаже од идејата за прием во НАТО на Украина и Грузија.

Никакви гаранции и ветувања дека Северноатлантската алијанса нема да се проширува нема и не може да има, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за швајцарскиот весник „Tемпс“.

„Нема такви ветувања или договори, можам да ви го покажам тоа документирано доколку некој сака“, истакна тој. „Ако такво нешто се случило, тогаш тоа би било апсолутно неприфатливо“, изјави Столтенберг. „Со кое право Вашингтон и Москва би можеле да водат преговори решавајќи ја иднината на Полска или Естонија?“.

Столтенберг категорично не се согласи со забелешката дека веројатно е време да се откаже од идејата за прием во НАТО на Украина и Грузија, имајќи предвид дека до таквото мислење се придржуваат „барем некои Европејци“.

„Тоа би било исклучително опасно!, реагира Столтенберг, додавајќи: „Ако НАТО почне да зборува дека е подготвено да ги затвори вратите за земји како што се Украина или Грузија, за да ги омекне односите со Русија, тогаш тоа би значело да се прифати неприфатливото: воспоставување на сфери на влијание при што големите држави ќе можат да донесуваат одлуки за малите земји“.

Столтенберг се повика на обврските на државите, утврдени 1975 година во Хелсиншкиот завршен акт на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа. „Основниот принцип на стабилноста и безбедноста во Европа, кој беше потпишан од страна на сите земји, вклучувајќи ја и Русија, особено, во Завршниот акт од Хелсинки, е фактот дека секоја држава има право да го избере својот пат, вклучително и во сферата на безбедноста“, резимира Столтенберг, пренесува ТАСС.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња