Каква закана носат за Русија новите договори на членките на НАТО?

Ројтерс
Руските експерти се сложуваат дека денес не треба да се преземаат нагли потези, ниту да се заоструваат и онака сложените односи со Алијансата.

На 15 февруари НАТО повлече два потега кои потенцијално предизвикуваат загриженост кај Русија. Министрите за одбрана на балтичките земји склучија договор кој им овозможува на единиците на НАТО да ја преминуваат нивната територија за помалку од 24 часа и да стасаат до границите на Русија, а новиот шеф на Пентагон Џејмс Метис изјави дека со Русија треба да се градат односи од позиција на сила.

Руската страна преку министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу изрази сомневање во успешноста на ваквиот начин на водење дијалог со Русија и изјави дека е неопходно да се почекаат подетални објаснувања.

Какви последици можат да имаат за Русија овие маневри.

Засега нема возвратни мери

Според мислењето на експертите, претходно направеното разместување на 4.000 војници на НАТО на границите со Русија по принципот на ротација, како и сегашниот договор за непречено движење на единиците на НАТО до границите со Русија, не е ништо вонредно и необично, зашто Алијансата со тоа формално не го крши основниот акт Русија-НАТО од 1997 година. Тогаш според договорот на двете страни воената алијанса се обврза дека нема да поставува „значителни воени контингенти“ во близина на територијата на Русија.

Американски војник стои до тенк М1 „Абрамс“ што ќе биде распореден во Латвија во рамките на операцијата на НАТО „Атлантска решителност“. 8 февруари 2017, Гаркалне, Латвија./ РојтерсАмерикански војник стои до тенк М1 „Абрамс“ што ќе биде распореден во Латвија во рамките на операцијата на НАТО „Атлантска решителност“. 8 февруари 2017, Гаркалне, Латвија./ Ројтерс

Според Владимир Евсеев, воен експерт и заменик-директор на Институтот за проучување на Заедницата на независни држави, документот што го потпишале министрите за одбрана на балтичките земји има чисто технички карактер и не подразбира коренити промени на руската граница. Поради тоа Русија нема да презема никакви агресивни чекори кои би го кренале нивото на конфронтација со НАТО. „Русија ќе реагира на вистински промени на својата граница, на поставување нови офанзивни системи и воени контингенти. Засега Министерството за одбрана на РФ ќе работи во вообичаениот режим, во согласност со планот за развој на вооружените сили на Русија што ги усвои претседателот за периодот до 2025 година. Овој план нема да се менува“, нагласи во интервју за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на Известија Дмитриј Сафонов.

Како што истакна тој, во рамките на оваа програма Русија веќе поставува нови единици во Западниот воен округ, а исто така спроведува и сеопфатна модернизација на вооружувањето.

Министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу во јануари 2016 година како возвратна мета која веќе се спроведува го најави создавањето на три нови дивизии (дивизиите во мирновременски услови имаат најмногу 13.000 војници).

Како да му се одговори на Метис?

Експертите се согласуваат дека Русија сега не треба да презема нагли потези, ниту да ги заострува и онака сложените односи со Алијансата. „Треба мирно да се продолжи со работата на модернизација на своите вооружени сили и на својата економија, а исто така да се бараат нови допирни точки“, заклучува Валериј Гарбузов, директор на институтот за проучување на САД и Канада при Руската академија на науките.

„Метис е претставник на генерацијата на сериозни воени лица кои сфаќаат дека симболичните гестови како што е поставување четири баталјони во балтичките земји нема да одиграат никаква улога во случај на сериозен конфликт со Русија. Овие баталјони се само политички 'лушпи'“, вели за „Руска реч на македонски“ главниот уредник на списанието „Русија во глобалната политика“ Фјодор Лукјанов.

Тој исто така нагласи дека политичкото градење односи со Русија од позиција на сила може да значи дека САД планираат модернизација на нуклеарниот потенцијал и модернизација на вооружувањето. „Сега доаѓа времето на класичниот републикански модел на владеење, кој се засновува на демонстрација на методот на сила и подготвеност таа да се примени. Метис во тоа ќе му биде одличен помошник на Трамп“, додава експертот.

Но, САД засега немаат повлечено ниту еден конкретен потез, така што е премногу рано да се зборува за тоа каква ќе биде руската реакција.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња