Москва избира „цврст“ амбасадор за САД

Кремљ сака да назначи за нов амбасадор на Русија во САД приврзаник на цврста политика спрема Западот, без оглед на затоплувањето во руско-американските односи.

Москва се подготвува да го замени амбасадорот во Вашингтон. Според руските бизнис медиуми, Кремљ ја разгледува кандидатурата на дипломат кој е стручњак за воени прашања.

Анатолиј Антонов, дипломат од кариера, поранешен заменик-министер за одбрана на Русија пет години до декември 2016 година, е главниот кандидат за позицијата руски амбасадор во САД, соопштува „Комерсант“.

Во декември 2016 година претседателот Путин го врати Антонов од воениот ресор во дипломатскиот, назначувајќи го за заменик-министер за надворешни работи. „Во Министерството за одбрана Анатолиј Антонов беше одговорен за меѓународната соработка, а по преминувањето во Министерството за надворешни работи, се занимаваше со прашањата на воено-политичка безбедност“, пишува „Комерсант“.

Како што изјавија за изданието четворица анонимни извори во државните структури на Русија, одлуката да се назначи приврзаник на цврста политика спрема Западот Кремљ ја донел уште на почетокот на есента 2016 година, кога политичкото раководство на Русија се подготвуваше за победа на Хилари Клинтон на претседателските избори во САД, и како последица на тоа, за поголемо ниво на затегнатост во билатералните односи.

Сепак, и покрај фактот што Клинтон не влезе во Белата куќа, а Доналд Трамп се одликува со помека реторика кон Москва, Кремљ сѐ уште ја гледа кандидатурата на Анатолиј Антонов како главна, соопштуваат изворите на „Комерсант“. Притоа, изданието прецизира  дека конечната одлука не е донесена и се разгледуваат и други кандидати, чии имиња не се обелоденуваат. Од најблиското опкружување на Антонов, сепак, ги демантираат гласините за негово евентуално назначување.

Антонов има долгогодишно искуство во развојот на воено-политичките прашања во руско-американските односи. Тој ги предводеше руските владини делегации во повеќе преговори, вклучувајќи ги и преговорите со САД за новиот договор за стратешко вооружување. Во 2015 година Антонов, меѓу другите руски владини претставници, се најде на листата на санкции на Европската унија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.