Европските лидери и претседателот на САД Барак Обама во петок ќе разговараат за продолжување на санкциите против Русија во врска со вооружениот конфликт во источна Украина и можните нови санкции поради руската операција во Сирија. Ова го соопшти агенцијата „Ројтерс“ повикувајќи се на свои извори. Како што се очекува, средбата ќе се одржи во Берлин и на неа ќе учествуваат лидерите на Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија. Агенцијата истакнува дека средбата ќе се случи помалку од две недели по победата на Доналд Трамп на изборите за претседател на САД. Трамп изјавуваше дека ќе бара зближување со Москва, што предизвика во Европа сомнеж во однос на идниот режим на санкции.
Германски функционер изјави за агенцијата дека претходно се планирало продолжување на европските санкции против Русија, чија важност истекува кон крајот на јануари 2017 година. Сепак, истакнува „Ројтерс“, постои страв дека Трамп повторно ќе го разгледа тој пристап по својата инаугурација, која ќе се одржи на 20 јануари. Во врска со тоа, европските лидери се надеваат дека јасност во ситуацијата ќе внесе Обама, кој се сретна со Трамп во Белата куќа по изборите.
„Ние навистина се наоѓаме во критична ситуација. Не треба да дозволиме ЕУ да ги продолжи санкциите, а потоа да дојде новиот претседател на САД и да ги укине“, изјави германскиот функционер.
По средбата со Трамп Обама изјави дека новиот претседател има намера да ги одржува клучните меѓународни врски на САД, вклучително и со НАТО, потсетува агенцијата. Европските политичари се плашат дека Русија ќе го искористи периодот до инаугурацијата на новиот претседател на САД за ескалација на ситуациите во Сирија и Украина. Според информациите на два дипломатски извора, во Берлин исто така ќе се разговара и за Сирија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче