Медиум: САД долеваат масло на огнот на новата студена војна со Русија

Според американскиот политолог Стивен Коен, Русија и САД имаат можности за соработка, меѓутоа Вашингтон е решително настроен против соработка со Москва.

Москва и Вашингтон би можеле да дојдат до дипломатски договор кој би ја намалил веројатноста од нова студена војна, меѓутоа САД се противат на секаква соработка со Русија, пишува американскиот политолог Стивен Коен во статијата за The Nation.

Според Коен, Русија и САД имаат можности за соработка. Како пример политикологот го наведува претходно договорениот план за сириското регулирање кој во перспектива може да им овозможи на Москва и Вашингтон обединување во борбата против тероризмот.

„Како резултат на тоа може да настане руско-американски воен сојуз кој ќе може да ја прекине не само војната во Сирија, туку и опасната ескалација на студената војна“, се вели во статијата.

Меѓутоа Вашингтон е решително настроен против соработка со Москва. За тоа отворено зборува, на пример, шефот на Пентагон Ештон Картер, а покрај него, овој став го повторуваат како ехо и водечките медиуми – „Вашингтон Пост“, „Њујорк Тајмс“ и Ем-Ес-Ен-Би-Си.

„Нивната тактика се состои во тоа да го оцрнуваат Путин и да го опишуваат како недостоен партнер за САД во секој поглед. Овој пристап е заснован врз повеќегодишната антируска политика и врз сфаќањето дека соработката за Сирија ќе значи целосно враќање на Русија на светската сцена како суперсила“, пишува Коен.

Многу нешта сега зависат од тоа дали Обама ќе ја задржи мирната политика наспроти студената војна, како што тоа го правеше претседателот на САД Реган во осумдесеттите. Надворешнополитичкото наследство на Обама се наоѓа во опасност, како и меѓународните односи.

Потребата од дискусија за соработката со Русија одамна веќе созреа во политиката на САД, а во годината кога се одржуваат претседателските избори ова прашање стана особено актуелно. Како и да е, американските медиуми критикуваат секого кој се залага за намалување на напрегнатоста, продолжувајќи да долеваат масло на огнот на студената војна, резимира авторот на статијата. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња