Над спортските арени во Рио повеќе нема да се крене руското знаме: спортистите со ограничени можности од Русија ќе ја пропуштат Параолимпијадата која стартува на 7 септември. Ова стана очигледно по одлуката на Судот за спортска арбитража (CAS), кој одлучи на 23 август да ја одбие апелацијата на Параолимпискиот комитет на Русија (ПКР) за отстранување на руските спортисти.
Веројатноста за таквиот исход беше висока откако на 7 август Меѓународниот параолимписки комитет (МПК) соопшти за дисквалификацијата на Рускиот параолимписки комитет и отстранувањето на руските спортисти од сите меѓународни натпреварувања.
Повод за таквата жестока одлука беа доказите за 35 позитивни допинг-тестови на руските параолимпијци кои се содржеа во извештајот на независната комисија на ВАДА под раководство на Ричард Мекларен. Податоците за позитивните допинг-тестови наводно беа скриени од руските власти во периодот од 2012 до 2015 година, односно поголемиот дел од нив во текот на Олимпијадата во Сочи. ВАДА ги смета овие инциденти за манифестација на работата на државниот систем за криење на допинг-махинациите во Русија.
Меѓутоа, руските функционери планираат да реагираат на одлуката на судот. „Тоа можат да бидат протестна нота, писма, претставки. Најважно е што оваа ситуација да не остане без внимание“, изјави во интервју за „Р-Спорт“ шефот на комитетот на Државната дума за физичка култура, спорт и млади Дмитриј Свишчев.
Што се однесува до директните правни механизми, во Русија веќе најавија жалба на одлуката на Судот за спортска арбитража во Врховниот суд на Швајцарија. За ова во интервју за каналот „Русија 24“ изјави адвокатот кој ги застапува интересите на ПКР во Судот за спортска арбитража Алексеј Карпенко. „Жалбата ќе одземе година-две, поради тоа руските параолимпијци нема да настапат на Игрите-2016“, истакна адвокатот.
Претходно МОК во слична ситуација, имајќи, како и МПК, препорака од ВАДА да ја дисквалификува репрезентацијата на Русија, не ја исклучи целата репрезентација, оставајќи го правото за одлука на спортските федерации. На Олимпијадата во Рио репрезентацијата на Русија освои 56 медали (од нив 19 златни), заземајќи го четвртото место на неофицијалниот список на освоени медали.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче