Медведев: „Брегзит“ е дополнителен ризик за руската економија

Москва ќе ги анализира резултатите од референдумот за излез на Велика Британија од Европската унија и ќе донесе одлуки во интерес на својата економија, рече рускиот премиер Дмитриј Медведев.

„Нас, се разбира, тоа не нѐ радува. Тоа се, се разбира, дополнителни ризици за светската економија. Веројатно и за нашата економија, која е дел од глобалната економија. Сега е многу важно да се анализираат последиците, да се донесат веќе наши внатрешни одлуки во интерес на руската економија, што, се разбира, и ќе биде направено од страна на владата“, изјави Медведев, пренесува „Взгљад“.

Медведев исто така го нарече „Брегзит“ внатрешна работа на Британците. „Не можам да не го истакнам тоа што се случи во Велика Британија. Како што знаете, таму беше одржан референдум за излегување на Велика Британија од Европската унија. Се разбира, сакам да истакнам дека тоа е внатрешна работа на Британците. Но, очигледно е дека резултатите од референдумот се важни не само за Англичаните и Европската унија, туку во целина за светската економија, затоа што веќе падна цената на нафтата. Курсот на фунтата, и еврото, исто така, се наоѓа под притисок. Многу сериозно е зголемена нестабилноста на стоковите пазари и берзи“, изјави Медведев.

Поддржувачите на излезот на  Велика Британија од Европската унија победија на референдумот што се одржа во четвртокот, како што беше потврдено од страна на конечните резултати објавени по обработката на гласачките ливчиња од сите 382 избирачки места. 52% од Британците (17,41 милиони луѓе) гласаа за престанок на членството на Велика Британија во ЕУ, 48% (16,14 милиони луѓе) се за продолжување на европската интеграција. Референдум нема правнообврзувачки карактер, односно владата и премиерот имаат право да ги игнорираат неговите резултати.

Сепак премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон веќе изјави дека ќе поднесе оставка, но не веднаш. Според него, новиот премиер на земјата треба да биде назначен до почетокот на октомври. „Мислам дека ќе биде погрешно за мене да се трудам да бидам кормилар кој ја води својата земја до следната дестинација“, изјави Камерон. Според него, роковите за почеток на процедурата за излегување на Велика Британија од ЕУ ќе ги определи новиот премиер на Обединетото Кралство.

Одѕивот на референдумот беше 72,1%. Тоа е највисокиот показател за одѕив на гласачите на гласачките места од 1997 година, кога во земјата се спроведоа општи избори поради очекувањата за големи промени.

Во меѓувреме, според лидерот на кампањата за излегување од ЕУ евроскептикот Матеј Елиот, Велика Британија ќе остане во ЕУ уште со месеци или дури и неколку години.

Како што изјави претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, случувањата на финансиските пазари покажуваат дека патот по кој зачекори Велика Британија ќе биде тежок, а преговорите за повлекување на Велика Британија од ЕУ „ќе почнат во најскоро време“.

.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња