Медиум: НАТО ќе ја направи најголемата грешка во својата историја

Договорот за РСМД ѝ обезбедува на Европа значително поголема безбедност од две технички сомнителни бази за противракетна одбрана, смета Јохан Битнер, колумнист на германски „Ди Цајт“.

Северноатлантската алијанса ќе ја направи една од најголемите грешки во својата историја ако ја заврши изградбата на системот за противракетна одбрана во Европа, смета колумнистот на „Ди Цајт“ Јохан Битнер. 

Москва гледа во тоа закана за стратешката стабилност на континентот и предупредува дека како резултат на тоа Договорот за РСМД може да престане да им одговара на руските интереси.

Сега судбината на договорот е во опасност, пишува Битнер. Распоредувањето на руските ракетни системи „Искандер“ во Калининградската област, според него, го нарушило духот на документот. А од гледна точка на Москва, непосредно прекршување на договорот е базата на НАТО во Романија каде е сместен системот за ПРО.

Во НАТО се зголемуваат стравувањата дека Русија може да се повлече од историскиот договор еднострано. (...) Но, нели е подобро НАТО да прибегне кон сопирање за итни случаи и да ја замрзне изградбата на системот за ПРО?“, се прашува германскиот новинар.

Авторот укажува дека антиракетните системи на Алијансата технички не се способни да ги пресретнат современите руски ракети кои носат по неколку боеви глави. Друга работа се ракетите на Иран или на Северна Кореја. Но, веројатноста дека Иран или Северна Кореја ќе удрат по Европа не е премногу висока.

„Затоа не е за изненадување тоа што Русија го смета системот на НАТО насочен против неа. И кој знае како во иднина ќе се развиваат технологијата за ПРО“, вели Битнер.

„Со други зборови, НАТО се заштитува од минималниот ризик од страна на Иран и Северна Кореја, а во исто време оди на максимален ризик од страна на Русија, која ќе го зголемува својот нуклеарен потенцијал“, потенцира авторот.

Договорот за РСМД ѝ обезбедува на Европа значително поголема безбедност од две технички сомнителни бази за противракетна одбрана, заклучува тој.


 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња