Лондон: Путин може да ја запре војната во Сирија со еден телефонски повик

Според мислењето на шефот на британската дипломатија, само влијанието на Москва може да го натера Асад да даде оставка.

Министерот за надворешни работи на Велика Британија Филип Хамонд смета дека за решавање на сирискиот конфликт е доволен „еден телефонски повик“ од претседателот на Русија Владимир Путин, пренесува „Интерфакс“.

„Постои еден човек на планетата кој може да ѝ стави крај на граѓанската војна во Сирија со еден телефонски повик, а тоа е Путин“, изјави Хамонд во интервју за „Би-Би-Си“ во неделата.

„Дали ќе си замине Асад или ќе остане, крајниот резултат зависи од тоа дали Русија е подготвена да го искористи своето влијание за да го отстрани од власт“, објасни министерот.

Хамонд исто така ја повика Русија да ги прекине авионските напади во Сирија.

„Ја повикуваме Русија да ги исполни нејзините обврски во рамките на меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ООН што ги има потпишано. Русија врши беспоштедни воздушни напади, засилувајќи ја интензивноста на нападите последниве недели, и поради тоа тие (сириските опозициски групи) мораа да ги напуштат своите позиции“, рече Хамонд.

Сепак, според неговите зборови, важно е тоа што сириските власти „немаат сила, моќ и организациски ресурси за да ги земат тие реони под своја контрола“.

„Затоа ситуацијата е во некаква смисла безизлезна“, додаде министерот.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња