Русија се сомнева дека Турција подготвува напад врз Сирија, соопшти Министерството за одбрана на Русија. Според зборовите на портпаролот на МО РФ генерал-мајор Игор Конашенков, Турција ја проширува сообраќајната инфраструктура и групира воени сили во близина на границата.
„Имаме сериозни причини да се сомневаме дека Турција интензивно подготвува воен напад врз територијата на суверена држава – Сириската Арапска Република... Бележиме сѐ повеќе знаци за тајна подготовка на турските вооружени сили за активни дејствија на територијата на Сирија“, изјави Конашенков”.
Според неговите зборови, претходно МО РФ ѝ презентирало на меѓународната јавност несоборливи видео-докази на кои можат да се видат како турски самоодни артилериски системи гранатираат сириски населби на северот на Латакија.
„Изненадени сме што инаку зборливите претставници на Пентагон, НАТО и бројни таканаречени организации за заштита на човековите права во Сирија продолжуваат да молчат, и покрај нашите апели да дејствуваат“, додаде Конашенков, а пренесува ТАСС.
Конашенков се осврна и на забраната руска мисија да изврши набљудувачки лет на територијата на Турција.
„Ние тоа нема да го занемариме. Гледаме на тоа како на сериозен инцидент. Се сомневаме дека е во тек подготовка за напад“, рече тој.
МО РФ денеска прикажа фотографии од граничен премин на турско-сириската граница. Токму на овој премин, според податоците на разузнавачката служба, терористите добиваат засилување во луѓе и оружје. Кон крајот на декември на овој премин се проширени паркинзите за камиони, а околу нив е поставена вооружена стража.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче