Ердоган: Ќе се смета за агресија ако С-400 собори турски авион над Сирија

Според зборовите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, таков инцидент е можен и ќе ја натера Анкара „да преземе понатамошни мерки за кои, несомнено, не се дискутира“.

Анкара ќе ја смета за агресија ситуацијата во која нејзин авион ќе го наруши воздушниот простор на Сирија и ќе биде соборен од руски систем С-400, изјави претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во интервју за „Си-Ен-Ен“, пренесува ТАСС.  

На прашањето за тоа како Анкара ќе реагира во случај доколку турски воен авион го наруши воздушниот простор на Сирија и потоа биде соборен од руски С-400, Ердоган одговори: „Ние не сакаме да видиме било каква ескалација во регионот. Не сакаме да учествуваме во тоа. Но тие што ќе застанат на страната а Сирија и ќе придонесат за пораст на тензиите, мислам дека имаат одговорност за тоа“.

Според неговите зборови, „таков инцидент е можен и тој ќе нѐ присили да преземеме понатамошни мерки за кои, несомнено, не се дискутира“. „Се разбира, тоа ќе биде агресија во однос на нашето право на суверенитет, за државата е нормално да го штити тоа право“, додаде тој.

Одговарајќи на прашањето дали распоредувањето на рускиот С-400 „Триумф“ во Сирија го смета како закана за Турција и останатите членови на коалицијата предводена од САД, Ердоган истакна: „Како што знаете, Русија одамна ѝ дава поддршка на Сирија во сферата на одбраната, уште од времето на владеењето на таткото на Асад (Хафез ел Асад). Русија ѝ продаваше или предаваше на Сирија такви ракетни системи. Невозможно е да се тврди дека тоа веќе не било направено минатата година“, изјави турскиот претседател.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња