Почна идентификацијата на загинатите во несреќата на А321

Во тек е организација на процесот за идентификување на телата на загинатите и земање примероци за ДНК анализа од роднините.

Стручњаците од судска медицина почнаа генетска експертиза со цел да се идентификуваат загинатите во авионската несреќа што се случи на Синајскиот полуостров во Египет, соопшти претставникот на Министерството за здравство на Русија  Олег Салагај.

„Стручњаците од судска медицина почнаа со работа. Обезбедена е можност за вршење генетско вештачење“, изјави Салагај, пренесува „ТАСС”.

На местото каде што ќе се врши идентификацијата на жртвите е организирано дежурство на медицински работници и психолози.

„Во моментов медицинска помош им е укажана на 217 членови на семејствата на загинатите во авионската несреќа, а психолошка помош на 210“, истакна Салагај.

Со членовите на семејствата на загинатите сега работат вкупно 64 психолози, од кои 49 се од Министерството за вонредни состојби на Русија, пренесува „Взгљад“.

Во Санкт Петербург во тек е организација на процесот за идентификација на телата на загинатите, земање примероци за ДНК анализа од роднините на загинатите во несреќата. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.