Медиум: Западот ја потцени воената моќ на Русија

Западот не ја сфаќа суштината на реформите на руската војска, сметаат стручњаците на Европскиот совет за меѓународни односи.

Стручњаците на Европскиот совет за меѓународни односи (ЕСМО) сметаат дека западните воени аналитичари ги потцениле можностите на руската војска по почетокот на реформите на Вооружените сили на РФ, пишува магазинот „Дипломат“.

Според извештајот на ЕСМО, програмата за реформа на ВС РФ е поделена на три дела: првата етапа опфаќа оптимизација на бројот на војници, управата и реформа на военото образование, втората етапа има за цел зголемување на борбената способност во рамките на модернизирана структура на командување, а третата етапа се однесува на модернизација и обнова на вооружувањето.

„Во САД и Европа особено внимание ѝ се посветува на третата фаза на овие реформи која сѐ уште не е спроведена во потребната мера, при што не се обрнува внимание на  суштинскиот напредок што е постигнат во првите две фази“, истакнува магазинот.

Во руската војска првпат се користи пирамида во командувањето во која на врвот стојат мал број на оние кои одлучуваат, а зголемен е бројот на офицери кои работат со војниците, се наведува во извештајот на ЕСМО.  Благодарение на унапредената обука на помладите офицери, зголемен е процент на професионализам во ВС РФ, со што е зголемена борбената готовност на елитните единици (ВДВ, морнаричката пешадија и СПЕЦНАЗ).

Западните воени аналитичари ги преувеличуваат тешкотиите со кои се соочува руската војска во текот на реализацијата на третата етапа и пропуштаат да ја воочат суштината, пишува магазинот, а пренесува РИА „Новости”.

„Тоа покажува неразбирање на суштината на реформите. Тие не предвидуваат дека армијата во првите етапи кардинално го модернизира вооружувањето, туку е насочена кон зголемување на ефикасноста на работата со веќе постојната техника и зголемување на професионализмот на целокупната воена структура“, заклучуваат експертите на ЕСМО.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња