Експерти: Русија и САД ги приближуваат ставовите

САД го менуваат својот став за Сирија, го доближуваат до рускиот, изјавија за РИА „Новости” руски експерти.

Државниот секретар на САД Џон Кери во интервјуто за „Си-Ен-Ен“ изјави дека раководството на неговата земја сака „постепено предавање на власта“ во Сирија, т.е. повеќе не бара итно повлекување на претседателот Башар Асад.

САД ги следат своите цели, смета Андреј Сушенцов, доцент на Катедрата за применета анализа на меѓународни проблеми при Московскиот државен институт за меѓународни односи. „Таа изјава беше наменета за американските гласачи и објаснува зошто САД нема да ги спречат случувањата (руската интервенција во Сирија), а можеби и ќе соработуваат со Русија, со размена на разузнавачки информации или поинаку“, вели експертот. „САД се наоѓаат сега, сликовито кажано, на задното седиште на автомобилот и можат да ги почекаат резултатите од дејствувањето на коалицијата на  Ирак, Сирија, Иран и Русија”, додаде Сушенцов.

Истото мислење го дели и директорот на Институтот за стратешки процени Сергеј Ознобишчев, кој е сигурен дека зборовите на Кери се дел од договорот постигнат оваа недела во Њујорк.

„Без Асад нема победа. Тоа е единствената организирана сила. Ако ги нема Асад и неговата војска, на тоа место, како и во другите држави, ќе зјае огромна дупка. Што да се прави со неа, како што гледаме, западните земји не знаат“.

Рускиот експерт вели дека тоа го признал и Обама во својот настап во ОН, кога кажа дека не е доволно да се ликвидира тероризмот, да се отстранат диктаторите, туку да се гради и државноста. Но државност според западниот модел не се гради, а според источниот - Западот не умее, истакна Ознобишчев за РИА „Новости”

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња