Захарова за Асад: Русија не назначува и не отстранува странски претседатели

Русија ниту сама, ниту во договор, не назначува и не отстранува странски претседатели, изјави портпаролот на МНР Русија Марија Захарова, коментирајќи ги тезите на странските медиуми што се проширија за сценариото за отстранување од власт на сирискиот претседател Башар Асад наводно со учество на Москва.

Во изјавата на Захарова се потенцира дека Русија „не се занимава со социјален инженеринг“. „Странските претседатели не ги назначуваме и не ги отстрануваме ниту самите, ниту во договор со некого. Тоа се однесува и на Сирија, и на другите земји од регионот, чии народи, убедена сум, се способни самите да си ја определат својата судбина“, се вели во соопштението на сајтот на МНР Русија.

„За жал, мора да се констатира дека определени политички кругови на Запад во последно време демонстрираат потполно губење на способноста да учат од сопствените грешки, дури и во оние случаи кога трагичните последици од тие грешки стануваат сѐ поочигледни за самите Европејци“, се истакнува во изјавата.

„Грубото мешање во работите на блискоисточните држави веќе доведе до формирање зони на нестабилност во непосредна близина на европскиот континент. Многукратно порасна заканата од тероризам и екстремизам. Во дворот на европскиот дом буквално  се туркаат да влезат илјадници и илјадници бегалци од несреќни држави, подложени на експерименти во духот на социјалниот инженеринг, пред сѐ од Сирија, Либија, Ирак, Јемен, Авганистан“, вели Захарова.  

Во изјавата истовремено се истакнува дека одделни западни политичари „не брзаат да ги коригираат јасно кратковидните пресметки кои, во суштина, претставуваа катализатор за сите овие проблеми“. „Напротив, тие упорно се обидуваат до крај да ги реализираат пристапите кои ја докажаа својата штетност, а чиј резултат можат да станат нови и уште поопасни предизвици и проблеми од меѓународен размер“, се вели во изјавата. 

„Истовремено некој се обидува вештачки да ја приклучи кон тоа Русија за сметка на ширење измислици и фалсификати, веројатно за подоцна да префрли врз нас дел од одговорноста за трагедијата на Блискоисточниот регион и заканата за европската и меѓународната стабилност“, изјави Захарова.

„Русија континуирано и постојано се залага за безусловно исполнување на Женевското коминике за Сирија од 30 јуни 2012 година, строго придржувајќи се до нормите и принципите на меѓународното право, вклучувајќи го почитувањето на суверенитетот на државите и, би сакала на истиот начин да дејствуваат сите наши партнери во меѓународната арена“, изјави портпаролот на МНР Русија. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.