Државната дума на Русија го усвои предлог-указот на претседателот за прогласување амнестија по повод 70-годишнината од Победата во Втората светска војна, соопштува ТАСС. Указот ќе стапи на сила по официјалното објавување и ќе важи шест месеци.
Амнестирани ќе бидат особено лица кои првпат се осудени за злосторства со умисла од мала и средна тежина и кои имаат заслуги за државата. Покрај тоа, амнестијата ќе важи за малолетни лица, жени кои имаат малолетни деца и (или) деца-инвалиди, самохрани татковци, бремени жени, инвалиди од I и II група, мажи постари од 55 години и жени над 50 години, како и затвореници заболени од рак од трет и четврт стадиум.
За затвореници кои извршиле тешки и особено тешки злосторства, како и за особено опасни рецидивисти, амнестијата нема да важи. Исто така, нема да бидат амнестирани и оние кои направиле сообраќајни прекршоци, независно дали биле во пијана или трезна состојба, доколку тој прекршок резултирал со смрт на две или повеќе лица.
Вкупниот број на амнестирани може да достигне 350-400 илјади лица.
Предлогот за спроведување широка амнестија за 70-годишнината од Победата во декември 2014 година го даде првиот човек на Советот за човекови права при претседателот Михаил Федотов. Претседателот на Русија Владимир Путин го поддржа предлогот. Притоа тој истакна дека „не треба толку често да се дава амнестија“.
Претходната широка амнестија беше објавена во декември 2013 година по повод 20-годишнината од Уставот. Тогаш беа ослободени 24 илјади лица.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче