Путин и Медведев честитаа 8 Март

Претседателот на Русија Владимир Путин и премиерот Дмитриј Медведев им го честитаа на жените Меѓународниот ден на жените, пренесува „Интерфакс“.

Претседателот на Русија Владимир Путин им го честиташе на жените Меѓународниот ден на жените. Како што пренесува „Интерфакс“, по повод празникот, во Кремљ се одржа манифестација проследена со пиење чај. На настанот присуствуваа мајки на познати дејци од културата и уметноста, на спортисти, на научници. Исто така, на средбата беа поканети и жени чии деца загинале во борбени операции и го заслужиле звањето Херои на Русија.

Започнувајќи ја средбата, претседателот истакна дека решил токму на овој начин да им го честита на сите жени во земјата празникот 8 Март. „Не случајно денеска ги поканивме во Кремљ жените кои ѝ подарија на  нашата земја деца кои од своја страна ја прославуваат и зајакнуваат нашата држава, културата, образованието, науката, спортот, уметноста“, рече Путин.

Претседателот потенцираше дека последниве години во Русија било направено многу за зацврстување на институцијата мајчинство и детство. Според него, резултат на тоа стана значителниот прираст на наталитетот, првпат за 20 години во земјата е забележан постојан природен прираст на населението.

Посебни зборови на благодарност претседателот им упати на мајките на Хероите на Русија кои загинале при вршењето на својата службена должност.

8 Март на руските жени им го честиташе и премиерот Дмитриј Медведев. Тој на својот профил на Твитер напиша: „На нашите сакани жени – Честит празник!“, напиша тој. На својот профил на Инстаграм Медведев објави и фотографија од букет розови лалиња.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња