Лидерот на бунтовниците-исламисти, Доку Умаров објави во Интернет видео со кое ги повикува своите поддржувачи да направат сѐ што е во нивна сила за да се спречи одржување на Олимпијадата во Сочи, која е планирана за 2014 година, пренесува Ројтерс. Мораториумот за напади по руски цели во Северен Кавказ прекинува, изјави Умаров.
Во видео-пораката која се наоѓа на You Tube, шефот на забранетата меѓународна терористичка организација „Имарат Кавказ“, изјави дека Русите сакаат „да ја одржат Олимпијадата врз коските на нашите предци“. Тој ги повика исламистите „да користат било какви методи кои се дозволени од Алах“. Во кадарот Умаров седи во шума, а во позадина е закачено црно знаме со арапски натписи. Тој е облечен во камуфлажна јакна и зборува монотоно, а освен неговиот глас, во позадина се слушаат и птици.
Оригиналноста на видео-записот не е утврдена, забележува Ројтерс, иако видеата со Умаров во минатото регуларно се појавувале на интернет-страницата каде е објавена сегашната порака со заканите.
Доку Умаров во минатите видео-пораки изјавуваше дека големите терористички напади во Русија неодамна, како експлозијата во „Невскиот експрес“ во 2009 и експлозијата во „Домодедово“ во јануари 2011, се извршени по негова наредба.
Пред една година ФСБ на Русија објави за пресекување на обидите на бунтовниците на Умаров да оргнаиизираат терористички напади во околината на Сочи. Тогаш биле фатени десетина бунтовници со оружје.
Извори во безбедносните структури на Русија изјавуваат дека „детално се следат сите можни закани кои потекнуваат од бунтовниците“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче