Сириската опозиција со ултиматум до Русија

Сириската опозиција бара од Русија да се откаже од дејствата кои ја спречуваат меѓународната заедница да се вмеша во конфликтот.

Сириската опозиција и даде ултиматум на Русија во Советот за безбедност при ООН. Бунтовниците се заканија со воени дејствија на територијата на Либан доколку Москва не престане да ја блокира меѓународната интервенција во сирискиот конфликт. Министерството за надворешни работи на Русија се концентрира на организирање на меѓународна конференција за Сирија, меѓутоа перспективите за нејзино одржување стануваат се помрачни.

Повод за ултиматумот од страна на сириските бунтовници стана блокирањето на декларацијата во Советот за безбедност во ООН околу случувањата во градот Ел-Кусеир на западот на државата, каде владините војски ги нападнале бунтовниците од опозицијата. Градот се наоѓа на границата со Либан, каде поддршка на режимот на Асад му даваат и војниците на „Хезболах“. Според податоците на ООН, во градот најверојатно има околу 1.500 ранети граѓани. Ел-Кусеир е најважен стратешки град во тој дел на земјата. Преку тој град бунтовниците во Сирија добиваат оружје и засилувања.

Декларацијата во ООН околу Сирија беше предложена од Британија, а Русија ја блокираше. Во декларацијата се осудуваат владините сили на Сирија и војниците на „Хезболах“ за дејствата во Ел-Кусеир. Рускиот претставник ја објасни својата позиција со едностраниот карактер кој на носи декларацијата, бидејќи од страна на Советот за безбедност немаше никакви реакции кога бунтовниците заземаа сириски градови.

Министерството за надворешни работи на Русија ги обвини САД дека недоволно влијаат на опозицијата околу прашањето за учество на конференцијата околу Сирија. Според зборовите на заменикот министер на МНР на Русија, Сергеј Рјабков, главен услов на сириската опозиција е барањето за заминување на Башар Асад, што е „неприфатливо“. Според мислењето на дипломатот, „таква основа не е реална за постигнување било каков договор“.

Датумот за спроведување на конференцијата сè уште не определен. Првоначално се очекуваше истата да се одржи во јуни, но сега се кажува дека средбата можеби ќе се одржи следниот месец. Москва се залага и ирански претставници да учествуваат на конференцијата, додека Париз е против таа идеја. „Иран не сака мирно решение...“, изјави францускиот дипломат Лоран Фабиус.

Во меѓувреме западните медиуми продолжуваат да објавуваат статии за дејствата на Русија во сирискиот конфликт. Според Time, Башар Асад се држи на власт благодарение на руските ракети. Ситуацијата со комплексите С-300 сè уште не е јасна, но според официјален Дамаск, има уште неколку системи за противракетна заштита кои се добиени од Русија, се кажува во статијата на Time. Станува збор за системи С-200 и Панцир-С. Според зборовите на воениот експерт Игор Сутјагин, во арсеналот на Дамаск се наоѓаат 1.200 зенитни комплекси и околу 4 до 8 илјади преносни ракетни комплекси. Како што смета авторот на статијата, таквото оружје има клучно значење доколку ООН изгласа за воведување зона за забранети летови над Сирија, или ако Израел продолжи да нанесува удари по сириската територија. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња