- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Чистење теписи со снег
Legion Media
Советската опсесија со теписите подразбираше внимателна грижа за нив. Теписите собираа прашина не само на подот, туку и на ѕидовите, па повремено мораа добро да се истресат („излупаат“). За таа цел во дворовите на станбените згради беа поставувани посебни конструкции на кои се закачуваа теписи (во некои дворови и понатаму стојат). Најдобар резултат се постигнуваше зиме кога теписите можеа да се чистат и со снег.
Владимир Смирнов / TASS
Теписите од советските станови после многу години и понатаму служат на својата намена, а луѓето по навика продолжуваат да ги чистат со народниот метод, изнесувајќи го тепихот во дворот и таму добро го „тепаат“.
2. Бојадисување на ѕидовите само до половина, во зелена или светло сина боја
Legion Media
Овој чуден обичај првично беше предизвикан од тривијална причина - штедење. Ѕидовите беа бојадисувани до висина на човек или малку пониско, што беше доволно да се избегнат бели траги на облеката и да се заштитат ѕидовите од нечистотија.
Ова главно се однесуваше на влезовите, болниците, домовите на култура, трпезариите, тоалетите... Стандардната зелена или светло сина може да се објасни со тоа што овие бои секогаш беа во продажба, бидејќи се произведуваа во огромни количини за потребите на автомобилската и одбранбената индустрија и бојадисувањето на железничките вагони. Покрај тоа, споменатите бои, наводно, најдобро ги покриваат вандалските натписи, оштетувањата и други недостатоци.
Legion Media
Денеска веќе нема никакви ограничувања во однос на боите и материјалите, меѓутоа влезовите и другите слични места останаа исти по прашањето на бојата и техниката на реализација. Станарите сега можат сами да ја изберат бојата и да го известат управникот за тоа, но доколку не покажат иницијатива, во деведесет проценти од случаите влезот ќе биде во зелена или сина боја и бојадисан само до половина ѕид, според премолчената традиција.
3. Садови што не се користат
Владимир Вдовин / Sputnik
Кристален или порцелански сервис кој беше ставен во креденецот поголем дел од годината е типична приказна на советскиот дом. Во СССР таквите садови беа симбол на имашливо семејство и на стоки кои беа тешко да се најдат во продажба, затоа и беа чувани заштитени со стакло и изнесувани само во посебни пригоди, за гости. Останатите денови се користеа обични евтини чинии. Секојдневни оброци од оние „украсените“ беа незамисливи.
Оваа навика е останата и денес, во време кога нема никаков недостиг, а статусот не се покажува со сервиси. Садовите за „празници“ можат да седат во кутија со години, неотпакувани, чекајќи некоја посебна пригода, а на многумина им е сè уште тешко да се простат од кристалот на баба.
4. Постсоветска уметност на цветни леи
Legion Media
„Зграда со примерна култура на живеење“, беше називот на натпреварот во СССР за најуреден и најчист двор. На победниците им беа доделувани плакети „Зграда со примерно одржување“. Немаше никаков мит кој ќе помогнеше во добивањето на овој статус, туку само упорна работа и креативност.
Жителите на зградите се трудеа, меѓу другото, да ги уредат дворовите онака како што веруваа дека е најинтересно (и од она што им беше при рака).
Legion Media
Предвид доаѓаше сè, од стари канти и гуми до импровизации со даски. И сите тие штркови, крокодили и лебеди се чини дека се неуништливи. Ниту воведувањето казни за уметнички објекти од стари автомобилски гуми (четврто ниво на опасност) во Русија не помогна многу.
5. Декорирање на влезовите
Legion Media
Истото важеше и за влезовите на зградите, кои станарите традиционално настојуваа да ги направат попријатни опремувајќи ги со мебел, ставајќи цвеќе на симсовите, а на скалилата фотелји и столови, а понекогаш дури и теписи. Русите навистина сакаат „домашна атмосфера“ во јавниот простор.
6. Балкон претворен во склад
Андрей Махонин / TASS
Советските типски станови не беа големи, па се водеше борба за секој метар слободен простор. На луѓето им требаше повеќе простор некаде да складираат сезонски предмети како скии, детски санки, зимски гуми и сé што не е најнеопходно. На крајот балконот беше претворан во преполн склад. Фразата „однеси го на балкон“ и ден-денес е актуелна во многу семејства.
7. Суботници
Александр Катков / TASS
Бесплатната работа за општо добро почна да се применува во почетоците на советската власт како една од карактеристиките на „вистинската социјалистичка држава“. Постоеше како во рамките на претпријатието (во април, на роденденот на Ленин, сите работници работеа бесплатно), така и на ниво на индивидуални станбени згради. Учеството во суботник и чистењето на теренот се сметаше за општествено охрабрувачко однесување. Суботниците на почетокот навистина беа манифестација на револуционерен ентузијазам, а подоцна станаа задолжителни.
СССР повеќе го нема, но обичајот за колективно чистење на теренот се задржа. Сепак, одамна немајќи никаква врска со социјалистичката идеологија, со убедувањето на сè поголем број луѓе дека со тоа треба да се занимаваат соодветните компании или градските служби, ги доживува своите последни денови.