- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Софија Лебедева спаѓа меѓу актерките на кои најголемиот дел од животот им велеле: „Никогаш нема да бидеш барана“. Сепак, токму тоа се случи. На 28-годишна возраст таа веќе играше во речиси педесет руски и странски проекти. Оваа зима премиерно ќе бидат прикажани две остварувања во кои таа учествуваше: втората сезона на Нетфликсовата спиноф серија „Викинзи“ под наслов „Викинзи: Валхала“ (настаните во неа се одигруваат 100 години по настаните во оригиналната серија), и филм за создавањето на познатата видео-игра тетрис од Џон С. Берд.
Фото: Ольга Тупоногова-Волкова
Софија е родена во Обнинск во Калушката област, првиот научен град во Русија. Таа потекнува од семејство на научни работници, што силно влијаело на нејзиниот живот. Нејзините родители ѝ предвидувале успех на истото поле.
Фото: Andrey Fedechko
Таа е израсната како дете со различни интереси, го посетувала локалното драмско студио и тренирала ритмичка гимнастика. Десет години од животот ѝ посвети на гимнастиката, но не тргна по патот на спортската кариера: „Не размислував за професионалниот спорт. Ме фалеа, но моите предиспозиции немаше да ми дозволат да постигнам посериозен успех. Имам тенденции кон дебелеење, и колку што се сеќавам, тренерот секогаш ми велеше: Соња, треба да ослабнеш, ослабнеш“, раскажува Соња.
Фото: Егор Комаров
Додека драмското студио во целост ѝ годело. Режисерот Олег Демидов го препознал нејзиниот талент. Сепак, нејзините родители сè уште се надевале дека таа ќе ги следи нивните стапки, ја подготвувале да се запише на Московскиот државен универзитет на Факултетот за глобални процеси.
Фото: Соня Петрова
Кога го завршила училиштето, 15-годишната Софија имала доволно поени за да се запише на МГУ, но сепак го избрала драмско училиште во главниот град, во кое се запишала по вториот обид. „Кога конкурирав во драмското училиште и не ме пуштија во вториот круг во Шчепкинското училиште, прашав: зошто? Што не е во ред? Ми рекоа дека немам талент и дека никогаш нема да станам актерка. Потоа, за време на моето образование во драмското училиште ми велеа дека имам необично висок глас и дека со таков глас нема да имам актерска кариера“, се сеќава Софија. Но, сето тоа кај неа ја разгорело желбата за успех.
Фото: Соня Петрова
По школувањето, таа се вработи во театарот и редовно настапуваше на сцените на МХАТ, театарот „Мајаковски“, Центарот „Мејерхолд“ и другите театри во главниот град, играјќи главни улоги. Но, нејзините појавувања на филм се сведуваа на епизодни улоги во серии и краткометражни филмови.
Фото: Соня Петрова
Сè се смени во 2014 година, кога Софија Лебедева доби улога во долгометражната воена драма „А зорите овде се тивки“. За улогата мораше да се здебели 8 килограми, да ја пресече бујната долга коса и да го совлада стравот од вода. Во една сцена, имено, нејзината хероина тоне во мочуриште. Оваа сцена ја снимаше 20 пати, кои за неа беа „вистинско мачење“.
McMafia. Hossein Amini, James Watkins/BBC One, 2018
Посветеноста што ја покажа во нејзиниот дебитантски филм донесе резултати: потоа режисерите ја забележаа. Тогаш реши да не се ограничува на руската кинематографија и ангажираше агент од Англија. Веќе во 2018 година гледачите во странство можеа да го видат нејзиниот талент. Софија во британската серија „МекМафија“ играше улога на девојка која беше во сексуално ропство. За време на подготовката за оваа улога актерката се сретна со жртви на насилство.
Фото: Екатерина Чеснокова / Sputnik
Оваа соработка со странска екипа ги надмина сите нејзини очекувања. Серијата освои награда „Еми“, а Софија стана ѕвезда во подем на странскиот пазар.
Legion Media
Додека го снимаше „Тетрис“, таа помина година и половина во Глазгов - „градот-сениште“, како што го памети Софија, бидејќи поради ограничувањата предизвикани од ковидот работеа само супермаркетите. Кастингот го помина со испраќање на self-tape (добивате сцена и сами ја снимате со камера).
Vikings: Valhalla. Cr. Bernard Walsh/Netflix, 2022
После тоа повеќе од шест месеци го снимаше „Викинзи“ во Ирска, играјќи ја улогата на „нескршливата“ Елена („Нетфликс“ не дозволува да се открие повеќе за овој лик). „За време на работата на „Викинзи“ имав свој тим кој ми помагаше во подготовките. Се состоеше од историчар-консултант (сега добро го познавам XII век), тренер за изговор, бидејќи во проектот се појавуваат голем број различни акценти и дијалекти, како и девојка која се занимава со древно секојдневие. Со неа длабински проучував како се чувствувала една жена во XII век, што доживувала телесно, каков бил нејзиниот поглед на светот. „Имав уште многу физички подготовки: јавање, борбени вештини“, вели таа.
McMafia / Hossein Amini, James Watkins/BBC One, 2018
Кога снима во странство таа секогаш со себе носи неколку мали цртежи од нејзината сестра и нејзината најдобра пријателка која е слепа и глува, како и играчка што ја добила од нејзината мајка. „Семејството е еден од моите столбови. Мајка ми, откако израсна три деца, се стекна со своето второ високо образование на педесет и две години. Се школуваше како стилист и костимограф и потоа почна да работи на филм. Јас сум многу горда на неа. Често слушам од луѓето дека веќе е доцна да го остварат својот сон - никогаш не е доцна!“
Фото: Евгений Одиноков / Sputnik
Освен со снимање, Софија се занимава со современ танц, учи јазици и сака активен одмор со тенис и сноуборд. Таа не сака да зборува за приватниот живот, тврдејќи дека по неколку неуспешни врски решила да се фокусира на кариерата.