Која е Ана Кикина, единствената жена во одредот космонаути во Русија?

SpaceX / NASA
Од првиот тренинг во состав на општата подготовка за космонаути во 2012 година до нејзиниот прв лет во космосот поминаа 10 години. Сега Ана Кикина лета нa Меѓународната вселенска станица со вселенскиот брод „Кру дрегон“ на Илон Маск.

Поминаа долги осум години откако во космосот леташе жена од Русија. Сега 38-годишната Ана Кикина ја прекинува оваа долга пауза. Таа на 4 октомври лета на Меѓународната вселенска станица во екипажот на вселенскиот брод „Кру дрегон“ на Илон Маск кој е составен и од Никол Ман, Џош Касада и Коити Ваката.

Во јули оваа година Роскосмос и НАСА потпишаа договор за вкрстени летови. Според овој договор, тројца руски космонаути ќе летаат со бродовите „Кру дрегон“, а тројц американски со бродовите „Сојуз“. Кинина во овие размени е првата и единствена жена од руска страна.

Конференција за новинари во Центарот за подготовка на космонаути (ЦПК).

Нејзиниот животен пат е едноставен. Пред само десет години Кикина немала никаков допир со космонаутиката. На идејата да лета во космосот дошла дури откако руската космичка корпорација во 2012 година организираше експеримент и за првпат побара космонаути меѓу обичните граѓани на Русија (претходно во одредот можеа да бидат примени само воени пилоти или вработени во ракетно-космичкиот сектор). Во тоа време Кикина под псевдонимот Ана Радуга работеше како водителка и директор на програмата на „Радио-Сибир Алтај“. Од колешките дознала за конкурсот.

Тестирање на роботот Skybot F-850 со учество на Кикина.

„Најпрво се пошегувавме дека наскоро ќе летаме во космосот. Потоа го посетив сајтот на Центарот за подготовка на космонаути и дознав дека е вистина. Во тој момент сфатив дека сакам да бидам космонаут“, раскажа Ана во телевизиската емисија „Вечерни Ургант.

Условот беше кандидатот да има високо техничко образование, најмалку тригодишно искуство во струката, добро здравје и физичка кондиција. Кикина сфатила дека ги исполнува сите тие услови.

Ана е родена во Новосибирск. Има завршено школа за спасувачи, што подразбира постојана физичка активност, олимпијади и натпревари. Потоа има завршено курсеви при Министерството за вонредни состојби и во 2005 година го добила звањето спасител и инструктор за давање прва помош.

Една година подоцна Кикина го завршила хидротехничкиот факултет на Новосибирската државна академија за воден сообраќај, а во 2008 година станала квалификуван економист-менаџер.

Анна Кикина во SpaceX костум.

Работела како водич низ Алтајскиот крај, како инструктор по пливање и како инструктор за подготовка на падобранци. Се занимавала и со обука на кадети-спасувачи.

Ана има титула мајстор на спортот во повеќебој и во рафтинг.

Имала 27 години кога одлучила да се пријави на конкурсот за космонаути и набрзина ја собрала документацијата. „Бев решителна максимално да се ангажирам на конкурсот и што подобро да се покажам, за потоа да не жалам што не сум ја искористила можноста. Само мојот сопруг знаеше [дека учествувам на конкурсот за космонаути]“, рече Ана во интервју што го даде за „Роскосмос ТВ“

„Физички бев доволно подготвена да поминам на конкурсот со високи поени. Се оценуваше според машките нормативи, само што жените не мораа да прават згибови, туку само склекови, и три склека се сметаа како еден згиб“, објасни таа.

Една четвртина од кандидатите беа девојки. Многумина отпаднаа на лекарски преглед. „Таму стандардите се мошне високи, организмот се проверува крајно детално“, додава Кикина. На крајот од 304 кандидати (меѓу кои 43 жени) беа избрани осуммина, и од женскиот „табор“ помина само Кикина.

Ана е шестата жена во историјата на советската и на руската космонаутика што лета во космосот. Пред неа во космосот беа Валентина Терешкова 1964, Светлана Савицкаја 1982, Елена Кондакова беше два пати во текот на деведесеттите години од минатиот век, Елена Серова 2014. и актерката Јулија Пересиљд во 2021 година во рамките на снимателската екипа на филмот „Предизвик“.

Кикина својот лет го чекаше цели 10 години, но тоа е нормална практика во руската космонаутика. Во одредот имаше и космонаути кои до пензионирањето ниту еднаш немаа можност да летаат во космосот.

Кикина досега има учествувано само во руско-американскиот експеримент SIRIUS, во чии рамки на земјата се симулираа летови во далечниот космос, и сите овие десет години ја одржуваше формата.

Космонаутот на Роскосмос Ана Кикина учествува во комплексна обука во Ѕвездениот град.

Сега таа ќе помине половина година во орбитата на МВС. Нејзина работа е да ги одржува станицата и вселенскиот брод во работна состојба, да извршува ремонт и да врши научни експерименти.

Космонаутите имаат право на МКС да земат најмногу еден килограм лични работи. „Јас со себе ќе земам добро расположение и максимална бодрост и подготвеност за извонредната работа што ќе ја работам со задоволство, а кога станува збор за физичките работи, ќе земам фотографии од своите најблиски“, рече Кикина.

Ана Кикина на конференција за печат, посветена на учеството во експериментот на изолација SIRIUS, каде се имитираше лет на Месечината.

Пролетта 2021 година компанијата „Мател“ ја исфрли куклата Барби-космонаут направена според ликот на Кикина. Првата кукла Барби-космонаут во 1965 година беше посветена на летот на Валентина Терешкова.

Специјалистот на мисијата Space Crew-5 Ана Кикина за време на сесијата за обука на кокпитот на Crew Dragon во седиштето на компанијата SpaceX во Хоторн, Калифорнија.

„Како дете не мечтаев да станам космонаут. Не мора секое девојче тоа да го сака, играјќи си со таква Барбика. Најважно е сите тие да бидат свесни дека имаат и таква можност, имаат право да ја изберат секоја професија што ја сакаат“, смета Кикина.

Според неа, летот во космос е специфична дејност во која априори не може да бидат ангажирани голем број жени. „Ако жената сама сфати дека тоа е професијата на која сака да ѝ го посвети животот, тогаш таа ќе се пријави на конкурс, ќе се подготвува за тоа и ќе работи на тоа. Но, такви жени нема многу“, вели таа, сметајќи дека ќе биде тешко да се зголеми процентот жени во одредот, но „треба да има барем неколку жени, тоа е сигурно“.

„Роскосмос“ и во 2017 година организираше кампања за прием на обични граѓани во одредот космонаути, но ниту една жена не влезе во потесниот избор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња