Од обичен песок до цел замок: Како во Русија се менуваше просторот за детска игра (ФОТОГРАФИИ)

Начин на живеење
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Детските игралишта во Русија доживеаја вистинска еволуција. Во голема мера, изгледот на просторот за детска игра се менуваше во зависност од политичкиот курс на земјата и архитектонската мода. Погледнете како изгледало детското катче во царско време, што се сменило во ерата на „социјалистичкиот реализам“ и како детското игралиште изгледа денес.

Првите детски игралишта во Русија воопшто не беа слични на современите. Прво, тоа често беше заграден простор со помала шупа и маса, т.е. немаше лизгалки или нишалки. Второ, игралиштата се правеа за децата од сиромашни семејства. И трето, можеа да влезат само однапред пријавени деца.

Првите игралишта се правени во рамките на проекти на добротворните организации. На тој начин градовите се обидувале некако да го контролираат проблемот со деликвенцијата. Главната функција на просторот за игра била педагошката, така што никој не гледал потреба од лизгалки. Во средината на празниот простор можело да има само една маса со клупа и помала шупа за чување на инвентарот и играчките. На игралиштата биле ангажирани волонтери. Тие го одржувале редот и работеле со децата.

Треба да се спомене уште еден важен детал: првите детски игралишта функционирале само во топлите периоди од годината и биле градени во сиромашните населби. Сè на сè, повеќе личеле на детска градинка за социјално загрозените слоеви на населението.

По револуцијата игралиштата го смениле изгледот бидејќи служеле за „политичко воспитување“. Во близина на зоната за игра можеле да се видат впечатливи пароли за победата на пролетаријатот и светската револуција, или за тоа дека Бог не постои и дека свештениците се измамници. На игралиштата се делела и храна за да се привлечат што повеќе деца.

Кога во 1931 година се појавиле нормите за ГТО (кратенка од изразот „готов к труду и обороне“, (т.е. подготвен за работа и одбрана на земјата – така се викал системот за нормирано физичко воспитување на населението), игралиштата почнале да изгледаат како теретана, имале вратила, разбои и справи за одржување на рамнотежата (понекогаш и на две нивоа).

Сето тоа целосно ја одразувало идејата за тоа како треба да расте едно советско дете и како да прерасне во силна, политички мотивирана и бестрашна личност.

Низ целата земја се објавувале зборници со цртежи и описи на вртелешки и лизгалки (секој објект за игра имал свој државен стандард), типски клупи, па дури и огради. Игралиштата биле отворени во текот на целата година и се правеле во сите населени места, без разлика на животниот стандард на жителите, а исто така и во училиштата и парковите. Но, затоа воспитувачи имало сé помалку.

По Втората светска војна дизајнот на детските игралишта поприми национални црти – лулашки во вид на петли, конструкции во стил на дрвената архитектура, цртежи на јунаци од народните песни.

Во добата на развиениот „социјалистички реализам“ станаа модерни метални силуети на животни или апстрактни фигури, кои понекогаш беа високи и по неколку метри.

Во екот на Студената војна и освојувањето на вселената, на апстракциите се додадени и мотиви на ракети и вселенски бродови. Секое советско дете знаеше кои се Јуриј Гагарин и Валентина Терешкова.

Сè на сè, проектирањето детски игралишта беше доживувано како колективна креација. На почетокот беше прилично тешко да се најде конкретен автор, а тоа стана и невозможно во времето на масовната изградба на типските станбени згради. Заедно со идентичните микро реони почна „штанцањето“ на идентични детски игралишта. Веќе не ги проектираа архитекти чија специјалност беше пејзажот, туку локалните канцеларии за домување, што се одрази и на изгледот на просторот за детска игра. Трендот беше тој изглед максимално да се поедностави што е можно повеќе и игралиштата што е можно помалку да се разликуваат едно од друго.

Во текот на 1990-тите, по распадот на СССР, нови детски игралишта речиси и да не се правеа, и тоа траеше десетина години. Децата можеа да го користат само она што остана од доцниот советски период. Поради лошата економска состојба многу вакви игралишта зараснаа и ‘рѓосаа. Типична слика на детско игралиште од 1990-тите и раните 2000-ти се речиси скапани тобогани и лулашки што чкрипат, со сива типска станбена зграда од периодот на Хрушчов во позадина.

До нова пресвртница дојде во втората половина на 2000-тите. Масовната изградба на станбени згради влијаеше и на изгледот на типичниот простор за детска игра. Во големите градови низ земјата сега се појавуваат модерни детски игралишта од водоотпорна иверица. За нив се карактеристични сината, жолтата, црвената и зелената боја. И тоа се стандардизирани конструкции, бидејќи сите ги правеше руска компанија која имаше монопол во оваа област.

Ваквите игралишта се градеа без да се земе предвид околната архитектура и исто така прилично брзо пропаѓаа. Но, сепак беа многу поудобни и побезбедни од оние од доцниот советски период. Безбедноста на советските игралишта стана дури и посебен мим:

Со текот на времето на домашниот пазар се појавија и други фирми, така што зоните за игра станаа поразновидни и поквалитетни. Сега авторизираните детски игралишта станаа еден од параметрите на конкуренција меѓу градежните фирми и еден од факторите за конечна определба на потенцијалните купувачи. Со нив повторно се занимаваат експерти и проектантски бироа.

Има и такви модерни игралишта што личат на мало детско гратче, со цел систем на лизгалки, трамбулини, патека со препреки и кули.